Активности

Четврток, 31 август 2017 година

Средба на претседателот Џафери со министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕиас

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба во рамките на неговата официјална посета на Република Македонија со г. Никос Коѕиас, министер за надворешни работи на Република Грција. На средбата беа присутни пратениците Ирена Стефоска и Африм Гаши.

Претседателот Џафери изрази задоволство од средбата и очeкување за интензивирање на средбите на сите нивоа во иднина, вклучително и на парламентарно ниво меѓу двете држави. Република Грција е наш јужен сосед со кој поминавме низ многу предизвици во изминатите декади и кој, во исклучително критични моменти, активно ја поддржа европската интеграција на Република Македонија со ратификацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, за доделувањето на кандидатски статус за членство во ЕУ и безвизниот режим за нашите граѓани во земјите на Унијата и нашите напори за исполнување на критериумите за членство во ЕУ и НАТО.

Министерот Коѕиас истакна дека е почестен што е гостин во Собранието на Република Македонија и истакна дека Република Грција како прв сосед ја сака стабилноста на Македонија и ја поддржува нејзината евроатлантска интеграција. Како најстара земја на ЕУ и НАТО, стои на располагање со сопствени искуства и експерти да и помогне на земјата во реформската агенда. Сега е моментот да се постигне компромис за отворените прашања кои нè држат во затворот на историјата, бидејќи на тој начин може да се отворат сите полиња на заедничка соработка, вклучително и интензивирање на средбите на парламентарно ниво со колегите од Парламентот на Грција.

Присутните се согласија дека мерките за градење на доверба успешно се имплементираат во повеќе области и беше истакнато дека може да се посвети повеќе внимание на развивање  културни проекти, како мост за поврзување на двете држави и граѓаните, кои во континуитет одржуваат блиски и пријателски односи. 

Click