Активности

Вторник, 8 август 2017 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г. Димитар Главчев

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска оствари средба со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г. Димитар Главчев, кој престојува во кратка работна посета на Република Македонија. 

Претседателот Џафери истакна дека е дојден моментот за отпочнување на нова страница во односите меѓу двете држави при што се заблагодари на поддршката која Република Бугарија ѝ ја дава на Република Македонија и за нејзините аспирации за членство во НАТО и во Европската унија. 

Тој, исто така, ја поздрави одличната соработка меѓу претседателите и пратениците на двата парламента во сите последователни мандати и изрази очекување дека истата ќе се интензивира во иднина, особено во светло на потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка од страна на премиерите на Република Македонија и Република Бугарија.

Претседателот Главчев изрази задоволство од посетата во Република Македонија, оценувајќи дека со потпишувањето на договорот започнува нова историја во односите на двете држави и искажа уверување дека Народното собрание на Република Бугарија, повторно ќе ја даде поддршката со ратификација на договорот, исто како и поддршката за демократските процеси во Република Македонија и за потпишувањето на договорот. 

Тој нагласи дека со договорот се отвораат нови хоризонти за соработка на сите полиња, вклучително и меѓу двата парламента на ниво на комисии и групи за соработка, на теми од заемен интерес и особено од интерес на Република Македонија и исполнувањето на критериумите за нејзина евроатлантска интеграција. 

Во таа прилика, претседателот Главчев го покани претседателот Џафери да присуствува на ратификацијата на договорот во Народното собрание на Република Бугарија.


Click