Активности

Среда, 30 мај 2018 година, Киев

Средба на Собраниска делегација со украинскиот заменик-министер за надворешни работи, г. Василиј Боднар  

Во рамките на дводневната возвратна посета на Украина, Делегацијата на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина, во состав: г. Јован Митрески, претседател на Пратеничката група за соработка, г-ѓа Весна Пемова и г. Ејуп Алими, членови на Групата, денеска оствари средба со г. Василиј Боднар, заменик-министер за надворешни работи на Украина.

На средбата стана збор за билатералните односи меѓу Република Македонија и Украина, а беа разменети и мислења за состојбите во двете земји и во регионот. Заеднички беше изразен интересот за реализирање на средби и посети на високо ниво, со цел за натамошно интензивирање и продлабочување на билатералните односи во сите области од заеднички интерес. Беше ставен акцент на потребата за унапредување на економската соработка, имајќи предвид дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно-правната рамка.

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Украина, г. Јован Митрески, нагласи дека Република Македонија ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и активностите на ОБСЕ за постигнување на политичка и економска стабилност и за избегнување на натамошната ескалација на судири и насилство во земјата. 

Господинот Митрески подвлече дека Собранието и Владата на Република Македонија се цврсто определени за ефикасни реформи, а интеграцијата во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалната соработка, остануваат стратешки приоритети на земјата. Тој информираше за постигнатиот прогрес во земјата и оцени дека деблокадата на евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија е клучна за долгорочната стабилност, безбедност и напредок на целиот регион.

Заменик-министерот, г. Василиј Боднар, истакна дека Украина придава големо значење на односите со Република Македонија и ја подвлече поддршката за земјата на патот кон демократскиот развој и членството во евроатланските структури. Тој ги нагласи напорите на Владата на Украина за унапредување на економската соработка со Република Македонија, како и соработката во полето на земјоделието, туризмот и образованието. Во таа насока, тој изрази надеж дека во наредниот период ќе биде потпишана спогодба меѓу двете земји со која ќе се воведе безвизен режим за краткорочните патувања, со што би се поттикнале и олесниле комуникацијата и контактите меѓу граѓаните, особено во поглед на бизнисот и туризмот.

На крајот од средбите соговорниците изразија надеж дека соработката меѓу Македонија и Украина ќе продолжи да се продлабочува, како на парламентарно, така и на владино ниво.

Click