Активности

Петок, 27 октомври 2017, Будимпешта

Средби на претседателот  Џафери со г. Иван Брајовиќ, г-ѓа Маја Гојковиќ и г. Кадри Весели, претседатели на Парламентите на Црна Гора, Србија и Косово

Во рамките на учеството на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на Конференцијата на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан, што се одржува во Будимпешта, денеска г. Џафери оствари билатерална средба со г. Иван Брајовиќ, претседател на Парламентот на Црна Гора.

Претседателот Џафери изрази особено задоволство од пријателските и конструктивни билатерални односи, кои се одвиваат без отворени прашања, со исти стратешки надворешно-политички приоритети - полноправно НАТО и ЕУ членство на Република Македонија и ЕУ членство за Црна Гора. Особен импулс на евроатланските напори даде неодамнешното успешно одржување на Самитот на Јадранската повелба во Подгорица,  каде што копретседавач беше Република Македонија. Господинот Џафери истакна дека Република Македонија е заинтересирана за интензивирање на политичко безбедносната соработка во НАТО контекст и  пренесување на искуствата на Црна Гора на овој план. 

Господинот Брајовиќ изрази уверување дека Црна Гора и понатаму ќе дава силна поддршка на патот на евроатланските интеграции на Република Македонија, а воедно изрази и очекување дека европската перспектива ќе биде реалност за сите земји аспиранти за ЕУ членство. Според него, членството на Црна Гора во НАТО придонесува кон сигурноста и безбедноста на целиот регион.

На средбата со претседателката на Парламентот на Република Србија, г-ѓа Маја Гојковиќ, таа му го честиташе изборот на г. Џафери на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Притоа, г. Џафери изрази задоволство што двете држави имаат политички дијалог на сите нивоа, а фактот што севкупната комуникација и соработка на билатерален, регионален и мултилатерален план е конструктивна, овозможува отворен и позитивен пристап во решавањето на прашањата кои се од заемен интерес. 

Госпоѓа Гојковиќ истакна дека Парламентот на Репулика Србија е подготвен да ја продолжи и унапредува комуникацијата со Собранието на Република Македонија, особено на ниво на Групите за соработка кои се формирани во двата парламента. Таа истакна дека предност на парламентарците е што можат секогаш да остварат поблиска соработка за да можат во целост да ги реализираат потребите на граѓаните. Двајцата претседатели искажаа подготвеност за координираност во постапката на ратификација на договорите што ќе ги потпишат владите на двете земји.

На средбата со г. Кадри Весели, претседател на Парламентот на Република Косово, претседателот Џафери истакна дека односите и билатералната соработка меѓу двете земји се пријателски и конструктивни и изрази убеденост дека истите ќе бидат зајакнати и многу поинтензивни во иднина, во сите области од заеднички интерес. Особено беше изразена верба во меѓусебната заемна поддршка на планот на европската и евроатлантската интеграција на двете држави. 

Господинот Весели укажа на потребата да се решаваат прашањата поврзани со размената на студенти, односно да се овозможи слободно движење и престој преку законски олеснувања. За таа цел беше предложено надлежните комисии за образование во двата парламента и надлежните министерства за надворешни и внатрешни работи да изнајдат заедничко решение за остварување на оваа цел.  

На планот на меѓупарламентарната соработка г. Џафери информираше дека во Собранието на Република Македонија е формирана Пратеничка група за соработка со Парламентот на Република Косово при што беше изразено очекување дека таква група ќе се формира и во Косовскиот парламент, за да започнат со поблиски средби и размена на искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања.

Соговорниците споделија заемни уверувања и очекувања дека меѓупарламентарната соработка ќе се интезивира и унапредува, сè со цел заеднички да се придонесува кон севкупната меѓудржавна соработка. 

Click