Активности

Понеделник, 19 март 2018 година, Блед

Учество на пратеникот Локвенец на седницата на ПС на ПСЈИЕ 

Пратеникот Хари Локвенец учествуваше на седницата на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржува на 16 и 17 март 2018 година во Блед, Република Словенија, во рамките на Словенечкото претседателство со ПСЈИЕ.

Со седницата претседаваше г. Бранко Зорман, пратеник од Словенија и претседавач на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ. Пред пратениците се обрати д-р Душан Цаф, член на Извршниот комитет на Дијалогот за управување со интернет во Југоисточна Европа (SEEDIG), кој информираше за активностите на оваа платформа за регионална соработка, посветена на отворен, инклузивен и неформален дијалог за управување со интернет, а пред сè за темите кои ќе бидат разгледувани на претстојниот Четврти годишен состанок на SEEDIG, што ќе се одржи во мај 2018 година, во Љубљана.

Во рамките на Седницата на Постојаниот комитет се одржа дискусијата за одредување на седиштето на Постојаниот секретаријат на ПС на ПСЈИЕ, на која учествуваше г. Хари Локвенец. Тој истакна дека е неопходно што поскоро да се формира постојан меѓународен секретаријат на Собранието, кој ќе придонесе за пошироко политичко влијание и видливост на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и зајакнување на соработката меѓу парламентите учеснички во Процесот, како и соработката со другите меѓупарламентарни собранија. Господинот Локвенец истакна дека најдобро можно решение е да се постигне согласност меѓу двата парламента кои претендираат да бидат домаќини на Постојаниот секретаријат (парламентите на Турција и Бугарија). Со оглед дека двете страни имаат силни аргументи за прифаќање на нивниот предлог, како компромисно решение би можело да се размислува за ротација на седиштето на Секретаријатот и на генералниот секретар на ПС на ПСЈИЕ во период од пет години.

На седницата на Постојаниот комитет беа утврдени предлогот на дневниот ред и нацртот на Финалната декларација за претстојната Пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржи на 13 и 14 април 2018 година во Љубљана, како и работната програма на Парламентарното собрание за периодот 2018/2019 година.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. 

Click