Активности

Среда, 11 јули 2018 година

Усвоена „Декларацијата од Берлин“

Со усвојување на „Декларацијата од Берлин“, денеска во главниот град на Сојузна Република Германија заврши 27. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на која учествуваше Делегација на Собранието на Република Македонија во состав: шефот на Делегацијата Владимир Ѓорчев и членовите Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили. 

Во Декларацијата се содржани широк спектар на препораки за прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, кои се упатени до ОБСЕ и владите на земјите учеснички.
Во рамките на Годишната сесија, за претседател на ПС на ОБСЕ едногласно беше избран Георге Церетели, пратеник од Грузија. Беа избрани и четири потпретседатели на Парламентарното собрание, како и претседатели, потпретседатели и известители на трите генерални комисии.

Во рамките на 27. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, шефот на Делегацијата Ѓорчев оствари средба со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер. На средбата стана збор за тековниот развој на настаните во Република Македонија, при што соговорниците се осврнаа на конкретните области и начините со кои ОБСЕ може да даде свој придонес и поддршка  во Република Македонија, како и на идната соработка и активности во рамките на ОБСЕ.

Пратеникот Ѓорчев истакна дека во Република Македонија високо се цени улогата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата и дека во претстојниот период ОБСЕ особено треба да обрне внимание на слободата на  медиумите, владеење на правото, човековите права, унапредувањето на меѓуетничките односи и повеќе други области.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.