Активности

Четврток, 8 февруари 2018 година, Стразбур

Завршни препораки на МПК

На Вториот работен ден на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет, на кој учествуваат пратениците Горан Милевски, Антонијо Милошоски,  Жаклина Лазаревска, Реџеп Мемеди, Бетиан Китев и Ејуп Алими, се дебатираше за меѓуетничките односи, соседството и регионалната соработка, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, новиот закон за употреба на јазиците и за активностите по самитот во Трст, во рамките на Берлинскиот процес.  

Беше нагласено дека битни елементи на процесот на проширување на ЕУ се добрососедските односи и регионалната соработка и беа поздравени повеќе регионални иницијативи и процеси кои му даваат дополнителна динамика и импулс на процесот на проширување .

Во однос на меѓуетничките односи во Република Македонија, беше нагласено дека имплементацијата на Рамковниот договор е нераскинливо поврзана со процесот на европската интеграција на земјата. Целосната имплементација на Договорот беше оценета како камен темелник за понатамошно градење на демократско општество со мултиетнички карактер, како рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и евроатлантската заедница.  

„Берлинскиот процес“, како политички процес, беше опишан како комплементарен на евроинтеграцискиот процес, со цел да обезбеди рамка на меѓусебно помирување на земјите од Западен Балкан по пат на тесна регионална соработка, а во насока на достигнување на економски развој и раст, отворена пазарна економија, односно постигнување на забрзан реформски напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.   

На крајот на состанокот, пратениците од Собранието на Република Македонија и пратениците на Европскиот парламент со мнозинство гласови усвоија Завршни препораки до институциите на Република Македонија и на Европската Унија. 

Click