Средби пратеници

Среда, 8 ноември 2017 година

Бугарска поддршка за отстранување на условената ЕУ препорака

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, имаше средба со амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, г Иван Великов Петков.

Претседателот на Комисијата, г. Груби, истакна убеденост дека поддршката од Бугарија за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО е силна, и во таа смисла, пред сè, со помош од Софија ќе се отстрани условената препорака за почеток на преговорите за ЕУ членство, во рамките на претстојното шестмесечно претседавање на Бугарија со ЕУ, кое ќе започне од јануари следната година.

На средбата, Груби го истакна значењето на добрососедските односи со Бугарија, при што изрази целосна поддршка на постигнатиот Договор за добрососедски односи со Бугарија.

Амбасадорот Петков, истакнувајќи ја бугарската поддршка за Република Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, информира дека, Бугарија е силен поддржувач на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, и дека во рамките на нивното претседавање, еден од главните приоритети на Бугарија ќе биде токму овој процес.

Исто така, стана збор и за актуелните случувања во земјата, како и за реализацијата на Реформскиот план на Владата, имплементацијата на нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор и напорите за решавање на спорот со името, со цел придружување на ЕУ процесите во земјата.

На крајот на средбата Груби упати покана до својот колега, претседателот на Комисијата за европски прашања и надзор над Европските фондови, г. Кристијан Вигенин, за негова посета на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, до крајот на оваа година.