Средби пратеници

Среда, 15 ноември 2017 година

Средба на пратеникот Китев со украинската амбасадорка Задорожњук

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Бетиан Китев се сретна со новоименуваната амбасадорка на Украина во Република Македонија, г-ѓа Наталија Задорожњук.

Двајцата соговорнци се согласија дека двете држави немаат отворени прашања и негуваат одлични билатерални односи на политички, економски и културен план.

Посетата на членовите на Пратеничката група на украинскиот Парламент на Собранието на Република Македонија предвидена да се оствари од 20 до 23 ноември 2017 година, ја оценија како значаен придонес кон продлабочување на меѓупарламентарните врски и размена на искуства, имајќи ги предвид евроатлантските интеграции како заеднички надворешно политички приоритети на двете држави. Позитивно оценета беше и соработката во рамките на меѓународните организации, со акцент на досегашната успешна соработка во Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Двете држави се залагаат за стриктно почитување на меѓународното право, со цел избегнување на потенцијалните опасности и закани за меѓународниот мир и безбедност. Во однос на решавањето на кризата во Украина од наша страна беше истакнато дека неопходно е да се почитуваат договорите од Минск, како засега единствени договорени политички процеси за решавање на кризата.

Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Китев се заблагодари за континуираните напори на Амбасадата на Украина за унапредување на севкупните односи меѓу двете држави и изрази надеж дека позитивниот тренд ќе продолжи и во иднина.