Hidden render

Вторник, 13 ноември 2018 година

Средба на координаторот Томислав Тунтев со амбасадорот на Француската Република, Н.Е. Кристијан Тимоние 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, Томислав Тунтев денеска во Собранието на Република Македонија имаше средба со амбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние. 

Двајцата соговорници оценија дека македонскиот парламент е исправен пред предизвикот да обезбеди успешно завршување на процесот на уставни промени, коишто ќе значат целосна имплементација на Договорот со Грција. На состанокот беше оценето дека во првата фаза од процесот за уставни измени имаше конструктивна парламентарна дебата, која треба да создаде услови во следната фаза да се зголеми поддршката од страна на пратениците.    

Координаторот Тунтев искажа уверување дека, во согласност со предвидените рокови, македонското Собрание ќе успее да го заокружи процесот на уставни измени на почетокот на наредната година, што ќе значи целосно отворање на евроатланскиот и евроинтеграцискиот пат за Македонија. 

Амбасадорот Тимоние се интересираше за работата на Собранието во наредните неколку месеци, со оглед на реформските приоритети што треба да бидат завршени, а во пресрет на Извештајот што Европската комисија го подготвува за напредокот на Македонија. 

Координаторот Тунтев нагласи дека паралелно со процесот за уставни измени, Собранието интензивно ќе работи и на реформската агенда во областа на судството, борбата против корупцијата, како и во делот на правосудството

Во тој контекст, стана збор и за новото тело за помирување и интеграција, на кое што, како што рече Тунтев, треба да се гледа како на механизам кој ќе спречи да се повторат немилите настани од минатото, но и да се постават темели кои ќе создадат услови Собранието на Република Македонија да биде главен промотор на демократските процеси во земјава. 

Амбасадорот Тимоние ја поздрави оваа иницијатива, која доаѓа од пратениците, и оцени дека конкретни резултати се можни само доколку за тоа постои добра волја од сите. Во таа насока, тој нагласи дека на Македонија и е неопходен цврст и стабилен политички систем, а Собранието на Република Македонија, преку овој процес, има шанса да се профилира во таква институција. 

Click