Средби пратеници

Четврток, 16 ноември 2017 година

Средба на пратеничката Прентовиќ со полскиот амбасадор Мултановски   

Денешната средба на претседателката на парламентарната група за соработка со Република Полска, г-ѓа Татјана Прентовиќ, со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Јацек Стефан Мултановски, помина во пријателска и конструктивна атмосфера, каде што беа разменети повеќе информации за досегашната соработка меѓу двете земји и тоа во повеќе области од општествениот, политичкиот и културниот живот.

Пратеничката и претседателка на парламентарната група за соработка, г-ѓа Татјана Прентовиќ, го потенцираше своето задоволство од досегашната билатерална соработка на високо ниво меѓу двете страни, ја истакна определбата на новата влада кон интензивирање на напорите преку планот 3-6-9 да се стави поголем акцент на евроатлантските интеграции и го изрази своето очекување дека поддршката од Република Полска кон нашиот евроатлантски пат ќе продолжи и во иднина.

Амбасадорот на Република Полска, Н.Е.Јацек Стефан Мултановски, на средбата со својот домаќин го изрази своето задоволство од досегашниот престој во Република Македонија и истакна дека поддршката која ѝ ја дава неговата земја на пријателска Македонија ќе продолжи и понатаму со несмален интензитет.

Полскиот амбасадор се задржа на повеќе прашања од севкупната соработка меѓу двете земји и тоа во неколку области. Тој ја потенцираше досегашната соработка во областа на културата, која е доста интензивна и го информираше својот домаќин во врска со изложбата што треба да се одржи во Краков, Р.Полска, во 2019 година, која е поврзана со улогата на Полска во обновување на Скопје.

Амбасадорот, исто така, ја понуди помошта на Република Полска во насока на искористување на фондовите на ЕУ, подготвеноста од нивна страна да помогнат за прашања во областа на реформи на локалната самоуправа, а, исто така, ја потенцираше и досегашната добра соработката во областа на земјоделието.

На крајот и двајцата соговорници ја искажаа својата подготвеност дека ќе дадат придонес кон интензивирање и зајакнување на меѓусебната соработка.