Hidden render

Понеделник, 11 септември 2017 година

Средба на пратеникот Димитриевски со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, г. Горазд Бартол

Пратеникот Максим Димитриевски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, денеска во Собранието на Република Македонија се сретна со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, г. Горазд Бартол.

Господин Димитриевски и господин Бартол разменија мислења за политичката состојба, поддршката на Комисијата за одбрана и безбедност, заложбата и посветеноста за реформите во одбранбено-безбедносниот сектор, како и членството на земјата во НАТО и ЕУ.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, г. Горазд Бартол на средбата ја истакна својата подготвеност за поддршка и пренесување на своите искуства во однос на воените аспекти на реформите во безбедносниот сектор,со цел да придонесе за забрзување на евроатлантските интеграции и воедно истакна дека е отворен за  соработка со Комисијата за одбрана и безбедност во разгледувањето на прашањата кои се однесуваат на одбраната и безбедноста, а кои се дел од амбициозната реформаторска агенда.

На крајот истакна дека ова е прва покана за средба со претставник од Комисијата за одбрана и безбедност за што го изрази своето задоволство.

Пратеникот Димитриевски посочи дека перспективата за евроатлантската интеграција за Република Македоонија има повеќе предности и тоа од една страна, трансформација на општеството, јакнење на одбранбено-воените способности, а од друга, со својот придонес, Македонија докажа дека Алијансата има сигурен сојузник, кој како и досега ефикасно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност.

Исто така, истакна дека како Комисија за одбрана и безбедност, односно како Собрание на Република Македонија, остануваат посветени на реализацијата на евроинтегративниот процес на Република Македонија, и институционалната соработка со земјите членки на Европската Унија и НАТО ја сметаат за клучно за унапредување на истиот. Воедно истакна дека со приемот на Република Македонија во Алијансата, дополнително ќе зајакне Јужното крило на НАТО, кое е соочено со сериозни предизвици поради напливот на бегалци од Средниот Исток и Северна Африка и заканата од терористички напади од ИСИЛ.

Господин Димитриевски го запозна господин Бартол за идејата на Комисијата за одбрана и безбедност, со поддршка на Собранието на Република Македонија, за организирање на Меѓународен состанок на тема „Регионална безбедност и соработка, справување со актуелните безбедносни предизвици и зајакнување на безбедноста и стабилноста во регионот”. Средбата би била можност за учесниците да разменат искуства поврзани со регионалната безбедност и соработка, како и со актуелните безбедносни предизвици.

Двајцата истакнаа позитивно мислење за организација на ваков состанок со оглед на важноста и потребата од негувањето на политиката за добрососедските односи, целосната посветеност на регионалната соработка и спроведување на реформите во делот на одбраната и безбедноста.  

На крајот, г. Димитриевски нагласи дека интеграцијата во НАТО и членството во Европската Унија се апсолутни приоритети на нашата држава.

Click