Hidden render

Петок, 27 април 2018 година

Средба на пратеникот Груби со г. Џузепе Бучино

Претседателот на Комисијата за европски прашаеа на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, денеска го прими директорот за ЕУ и билатерални односи со земјите од Западен Балкан во Италијанското министерство за надворешни работи, г. Џузепе Бучино, кој престојува во Република Македонија.

На средбата од страна на Груби, акцент беше ставен на заложбите на владината коалиција и парламентарното мнозонство за реализација на надворешно-политичките приоритети на Република Македонија, отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ и добивањето на покана за членството во НАТО.

На средбата се разговараше и за регионалната соработка и напорите на нашата земја во насока на унапредувањето на односите со соседите, особено во контекст на изнаоѓање на достоинствено решение со нашиот јужен сосед во врска со проблемот со името. „Никогаш не сме биле поблиску до решение", изјави Груби, при што изрази оптимизам за наредниот период кој следи во врска со преговорите кои се во тек меѓу двете страни.

Соговорниците разменија мислења и околу неодамнешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија и чистата, безусловена препорака за отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија. Груби ја потенцираше официјалната констатација од ЕУ дека политичката криза е завршена и дека земјата е вратена на евроатланската агенда.

Искажа готовност за продолжување на реформите и унапредување на степенот на подготвеност за водење на процесот на преговори, воедно изрази благодарност за конзистентната поддршка која Република Македонија ја добива од Република Италија во процесот на пристапување во Европската Унија.

Господин Џузепе Бучино искажа увереност и подготвеност за натамошно унапредување на блиските релации меѓу Република Македонија и Република Италија, преку континуирано зајакнување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

Двајцата соговорници ги потврдија одличните билатерални односи на двете земји, изразувајќи заемна подготвеност за нивно натамошно унапредување и продолжување на политичкиот дијалог на највисоко ниво.

Click