Hidden render

Петок, 26 јануари 2018 година

Средба со претставници на научните институти на УКИМ

Претседателот на Комисијата за образование и наука на Собранието на Република Македонија, г. Петар Атанасов, имаше средба со претставници на научните институти од универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Економскиот институт, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Институтот за сточарство и Земјоделскиот институт. 

На средбата тема на разговор беа најавениот нов закон за високото образование, што се очекува наскоро да влезе во собраниска процедура, деловите од законот што се однесуваат на научните институти како и состојбите на полето на науката и научно-истражувачката дејност воопшто. 

Во врска со најавениот закон за високото образование претставниците на научните институти истакнаа дека овие членки на универзитетот треба да ја задржат позицијата што досега ја имале како единици на универзитетот, да се регулира структурната поставеност на научните институти, како и да се работи на унапредување на научната дејност. 

Посебно се разговараше за состојбата на научно-истражувачката работа и нејзиното регулирање со нови законски решенија, за потребата од инвестиции во високото образование и поголема контрола на квалитетот во образовната дејност кои нашето образование ќе го приближат до европските стандарди.

Беше нагласена потребата од јавна дебата при носењето на новите законски решенија во оваа област.

Click