Собраниско раководство

Понеделник, 16 мај 2016 година, Рим

МАКЕДОНСКА ЦРКОВНО-ДРЖАВНА ДЕЛЕГАЦИЈА НА АУДИЕНЦИЈА КАЈ ПАПАТА ФРАНЦИСК

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски денеска ја предводи Македонската црковно-државна делегација која во рамките на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил", имаше аудиенција кај папата Франциск. Претседателот Вељаноски изрази благодарност за срдечниот прием и можноста да се разменат мислења и ставови кои ќе придонесат за развивање на традиционално добрите односи меѓу Светата Столица и Република Македонија.

Поглаварот на Римокатоличката црква изрази задоволство од денешната посета и посочи на најзначајните вредности кои треба човештвото да ги негува. Папата Франциск упати апел да се надмине егоизмот и личните задоволства, да се мисли повеќе на другите и на иднината, да се раѓаат повеќе деца и да се почитуваат семејните вредности.

 

Претседателот на Собранието ја повтори поканата до папата за посета на Република Македонија и регионот, потенцирајќи дека неговата посета би била значајна за сите граѓани, без разлика на нивната верска или етничка припадност и би придонела во јакнењето на целокупната стабилност во регионот. Папата Франциск истакна дека би сакал да ја посети Република Македонија.

Претседателот Вељаноски го потенцираше значењето на заедничките верски, историски и културни вредности кои длабоко ги поврзуваат Македонија и Рим како што се Светите браќа Кирил и Методиј кои зад себе оставија огромно духовно наследство за што како Македонци и како христијани сме горди и благодарни. Исто така, Претседателот на Собранието посочи дека Република Македонија на своевиден начин ќе партиципира во одбележувањето на канонизацијата на Мајка Тереза која треба да се одржи во септември оваа година.

Претседателот Вељановски на папата му подари уникатна рачно изработена митра, којашто е символ на трновиот венец Христов, дело на монахињите од манастирот посветен на „Св. Георгиј Победоносец" во Рајчица.

 

Во рамките на одбележување на традиционалната манифестација, претседателот Вељаноски оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.

По завршувањето на посетата на Ватика, делегацијата присуствуваше и на Благословување на Спомен-плочата на благодарност на Македонскиот народ за делото на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј во Базиликата „Санта Марија Маџоре" во Рим.

Click