Собраниско раководство

Понеделник, 15 мај 2017 година

Претседателот на Собранието, г.Талат Џафери, се сретна со шведскиот амбасадор, г. Матс Стафансон

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Македонија, г. Матс Стафансон. Тој му го честиташе изборот на функцијата претседател на Собранието и изрази искрени очекувања дека политичкиот и законодавниот процес во државата набрзо ќе се вратат на вообичаените патеки. 

Амбасадорот ја подвлече натамошната подготвеност на Кралството Шведска потесно да соработува на билатерален план, особено меѓу парламентите на двете земји и во таа насока му врачи на г.Џафери покана од спикерот на Шведскиот Риксдаг за официјална посета наесен на Кралството Шведска на петчлена собраниска делегација предводена од него, која како прва официјална посета ќе претставува силен импулс на континуитетот на пријателските односи меѓу двете држави. 

Господинот Џафери, искрено заблагодарувајќи се на поканата, истакна дека Шведска е поим на демократија, слобода и високо ниво на парламентарна култура, а билатералните односи меѓу Република Македонија и Кралството Шведска со ова, уште еднаш, ќе ги потврдат зрелоста и интензитетот. Особено поради фактот што во Шведска постои голема македонска дијаспора, која повеќе децении и преку повеќе генерации живее, работи и активно придонесува во економскиот и социјалниот живот на земјата. 

На средбата беа разменети видувања за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за уставната обврска на претседателот на Република Македонија за доделување на мандат за формирање на влада, за следните активности на Собранието сврзани со тој процес, при што г. Џафери информираше и за денешната координација со претставниците на парламентарните партии околу локалните избори.  

Изразувајќи поддршка на натамошната поблиска меѓупарламентарна соработка, соговорниците се согласија дека воспоставените пријателски односи треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба. 

Click