Собраниско раководство

Понеделник, 17 февруари 2014 година

Претседателот Вељаноски ги прими годинешните стипендисти на ИПС Програмата

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, како покровител на Програмата – Меѓународна парламентарна стипендија (ИПС) на германскиот Бундестаг, денеска ги прими годинешните стипендисти од Република Македонија, Ивана Васева и Дејан Чуповски, предводени од амбасадорот на СР Германија, г-ѓа Гудрун Штајнакер.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство да биде покровител на оваа програма која со традиција и успех се реализира од 2001 година и низ која можност за студиски престој во Германија имале 40 млади луѓе од Македонија.

Меѓународната парламентарна стипендија (ИПС) е традиционална активност на германскиот Бундестаг, односно проект на Германскиот парламент кој заедно со Техничкиот универзитет, Слободниот Универзитет и Универзитетот Хумболт од Берлин, дава можност на млади луѓе со завршено универзитетско образование од земјите од Југоисточна Европа да се запознаат со парламентарниот систем на Германија.

Учесници во овој проект се политички и општествено ангажирани млади луѓе од повеќе земји (28) на Централна, Источна и Југоисточна Европа, со интерес за работа во државната администрација или пошироко во јавниот живот на нивната земја.

Селектираните кандидати директно работат во кабинетите на германските пратеници за време од пет месеци (од 1 март до 31 јули). Тие се вклучени и запознаени со работата на пратеникот во целост. Учествуваат во негова подготовка за разни активности, заедно со останатите негови службеници. Некогаш учествуваат и во предизборните активности на пратениците и ги организираат средбите со граѓаните.

Селектираните кандидати од Република Македонија работат со пратеници на германскиот Бундестаг, кои имаат особен интерес за развивање на односи со земјите од Западниот Балкан, а посебно со Република Македонија. Освен активноста со пратениците, тие за време на својот престој се запишани како студенти на еден од берлинските универзитети каде што следат предавања и учествуваат на семинари.

Секоја година се обезбедуваат две до три стипендии за учесници од Република Македонија.

Од 2008 година, селектираните кандидати пред да заминат во германскиот Бундестаг, прво се запознаваат со работата на Собранието на Република Македонија, со што Собранието е едно од ретките парламенти кои им обезбедува ваква можност на избраните стипендисти.  

Претседателот Вељаноски на годинешните стипендисти им посака успешен престој во СР Германија и во Бундестагот и изрази убеденост дека преку оваа програма ќе се стекнат со искуство повеќе, кое по враќањето ќе можат да го пренесат и споделат.

Click