Собраниско раководство

Среда, 11 јуни 2014 година

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ ГО ПРИМИ НОВОИМЕНУВАНИОТ АМБАСАДОР НА РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, Г. ПЕТРИТ БУШАТИ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија во Република Македонија, Н.Е. Петрит Бушати, при што му посака добредојде и успешна работа. 

Амбасадорот Бушати, изрази брагодарност за средбата и одвоеното време за разговор и соработка и пренесе поздрави до претседателот Вељаноски од претседателот на Собранието на Република Албанија, претседателот на Владата на Република Албанија и претседателот на Република Албанија, како и желби за успешна работа во новиот мандат. 

Претседател Вељаноски ја потенцираше досегашната успешна парламентарна соработка помеѓу двете држави, изразувајќи задоволство од успешната официјална посета на Република Албанија минатата година и ја истакна заложбата за интензивирање на понатамошните контакти, како на ниво на средби на претседатели, така и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка. 

Амбасадорот се сложи дека парламентарците секогаш можат да придонесат во надминување и решавање на спорни прашања, помагајќи во подобрување на односите меѓу две земји. Исто така, г. Бушати изрази надеж дека претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Илир Мета, ќе оствари возвратна официјална посета на Република Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија и Република Албанија имаат одлична билатерална соработка, пријателски односи и изразија желба таквата соработка да продолжи и понатаму со помош на реализација на нови проекти и размена на нови идеи. Особено значајна е заедничката соработка и размена на искуствата на патот на европската интеграција, како единствена алтернатива за земјите од регионот. Во однос на евроинтеграциите, претседател Вељаноски изрази искрени желби дека наскоро Република Албанија ќе добие кандидатски статус за членство во Унијата.

На средбата се разговараше и за понатамошен развој на патната и железничката инфраструктура, која е од огромно значење за успешно поврзување на двете земји, што води до поуспешна економска соработка, како и соработка на сите полиња од заеднички интерес. Како особено значаен беше потенциран проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид и Требеништа-Ќафасан.

Click