Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Четврток, 29 септември 2016 година

Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија, г. Кристиан Тимоние

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Македонија, Н.Е. г. Кристиан Тимоние. 

На почетокот на средбата, претседателот Вељаноски на амбасадорот му посака успешна работа и желба да понесе добри впечатоци од Република Македонија. Двајцата соговорници изразија надеж дека досегашната успешна соработка со амбасадата на Француската Република ќе продолжи и во иднина.

На средбата соговорниците разговараа за актуелната политичка ситуација во Република Македонија, при што и двајцата се согласија дека е потребна поскора конкретна завршница на политичката криза во земјата. 

Исто така, на средбата стана збор и за мигрантската криза од која е засегната цела Европа. Амбасадорот Тимоние истакна дека е потребно да се соработува за еднаква прераспределна на бегалците, за што претседателот Вељаноски се согласи дека е потребна принципиелна политика на Европската унија кон сите земји. 

Претседателот Вељаноски ја потенцираше важноста на интегрирањето на сите земји од регионот во европското семејство со цел во иднина полесно да се решаваат сите предизвици со кои ќе се соочува Европа.

Амбасадорот Тимоние истакна дека ќе се посвети на продлабочување на билатералната соработка помеѓу Франција и Македонија затоа што има многу можности за проекти во повеќе области од заеднички интерес, како што се туризмот, културата, размената на студенти, и така натаму. 

Претседателот Вељаноски истакна дека Собранието на Република Македонија е отворено за соработка и изрази надеж дека во иднина ќе се интензивира парламентарната соработка со Парламентот на Француската Република на сите нивоа.