Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Петок, 23 септември 2016 година

Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, г. Димитрис Јанакакис

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари прва протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Грција во Република Македонија, г. Димитрис Јанакакис. Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата и надеж за успешна соработка во иднина.

Претседателот Вељаноски го информираше амбасадорот Јанакакис за неодамнешната прва официјална билатерална средба со претседателот на Парламентот на Република Грција, г. Николаос Вуцис, која се случи во рамките на Европската конференција на претседатели на Парламенти во Стразбур. 

Двајцата соговорници се согласија дека има голем напредок во подобрувањето на односите помеѓу двете држави за што сведочат почестите средби на високо ниво. 

Претседателот Вељаноски истакна дека стои на располагање за идна подлабока парламентарна соработка која би помогнала во градењето на подобри севкупни односи меѓу двете земји и би придонела за зголемување на довербата помеѓу двата народа.

Амбасадорот Јанакакис изрази задоволство што доаѓа на мандат во Република Македонија кога има значајно приближување во односите помеѓу двете држави, што смета дека е резултат на мерките за градење на доверба. 

Двајцата соговорници истакнаа дека Република Македонија и Република Грција имаат многу заеднички сфери на интерес на кои може да се соработува за максимално искористување на европските фондови и подобрување на економската состојба во двете земји.

Соговорниците разговараа за актуелната политичка ситуација во двете држави и предизвиците со кои се соочуваат во однос на справувањето со мигрантската криза. Претседателот Вељаноски истакна дека е потребна заедничка реакција за подеднакво да се поднесе товарот за што е потребно да се води принципиелна политика.

На крајот на средбата, претседателот Вељаноски на амбасадорот Јанакакис му посака успех во новиот мандат и желба да понесе добри впечатоци од Република Македонија.