Собраниско раководство

Сабота, 25 јануари 2014 година, Хрватска

Претседателот Вељаноски на средби со македонската заедница во Република Хрватска

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во рамките на официјалната посета на Република Хрватска, вчера и денеска, оствари неколку средби со македонските здруженија и друштва кои опстојуваат во Република Хрватска.

Претставниците на македонската заедница во Република Хрватска ги запознаа претседателот Вељаноски и членовите на собраниската делегација со својата организираност во здруженија и друштва, со нивната работа, активностите и проектите кои ги реализираат.

Според пописот во 2011 година, во Република Хрватска живеат околу 4.500 Македонци, има 22 културни друштва и здруженија кои добиваат поддршка во финансиска смисла од државата на централно и локално ниво.

Претседателот на Заедницата на Македонците во Република Хрватска истакна дека Заедницата е формирана во 1991 година и 22 години делува како етничка и национална заедница, како непрофитно и аполитичко здруженије.

Нејзината основна дејност се состои во чувањето на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции.

Во состав на Заедницата делуваат 6 македонски културни друштва, во Загреб, Осиек, Риека, Сплит, Задар и Пула.

Програмските активности на Заедницата се финансирани со средства од државниот Буџет на Република Хрватска, преку Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска, со средства од министерствата на Хрватска и Македонија, како и со средства на ниво на градови и жупании, но и со помош на индивидуални спонзорски донации.

Претставниците на македонската заедница истакнаа дека реализацијата на програмите се презентира преку Хрватската радио телевизија, преку мултинационална програма за националните малцинства, преку радио емисии за националните малцинства, дневен печат и други медиуми.

Македонците во Хрватска ги запознаа пратениците дека се задоволни од односот кој кон нив го има Република Хрватска, дека со измените на Уставот во 2010 година и Македонците заедно со уште 21 национално малцинство се споменати во Преамбулата.

Тие, воедно, го потенцираа задоволството од нивото на соработка и однос кој меѓу себе го имаат изградено сите припадници на нашата заедница и искажаа задоволство поради можноста дополнителна настава на македонски јазик да се одржува во Осиек, Загреб, Риека, Пула, Задар и Сплит. Тие потенцираа дека на Република Хрватска, како припадници на македонската заедница, ѝ возвраќаат соодветно со лојалност, совесност и одговорност.

Претседателот Вељаноски и пратениците беа запознаени дека Владата на Република Хрватска го поддржува дејствувањето на македонското национално малцинство во црковните општини, дека е обезбеден простор за изградба на македонска православна црква, која ќе биде прва на овие простoри. Сите неопходни подготовки за отпочнување на реализација на проектот, односно изградбата, се направени, се очекува кон крајот на годинава да се почне со градба на црквата и неколку мултифункционални придружни простории.

Click