Собраниско раководство

Среда, 17 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со канадскиот амбасадор Пинингтон

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари официјална средба со амбасадорот на Канада во Република Македонија, г. Филип Пинингтон, кој истакна дека Канада беше меѓу првите држави која го честиташе изборот на г. Талат Џафери на функцијата претседател на Собранието, и која на јасен, и видлив, начин изрази поддршка на процесот на демократските промени во државата при транзицијата на власта.

Ова претставуваше прв чекор за излез од политичката криза и еден од низата во важните процеси кои претстојат. Канада и натаму континуирано ќе ја поддржува Република Македонија и нејзините граѓани во демократските општествени процеси и ќе биде нејзин силен партнер на меѓународен план. 

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, заблагодарувајќи се на честитката, изрази очекување дека билатералните односи меѓу Република Македонија и Канада ќе продолжат во иднина и ќе добијат во својот интензитет и квалитет. Во однос на непосакуваните случувања во Собранието од 27 април, претседателот Џафери изрази верба во правдата и во институциите на системот дека секој ќе ја сноси својата одговорност за овие настани, за да сите заедно покажеме дека ова не смее да се повтори и не смее да остане неказнето.  

Во однос на актуелните политички случувања и со оглед на фактот што претседателот на државата денеска ја исполни својата уставна обврска и го даде мандатот на носителот на парламентарното мнозинство, г. Талат Џафери истакна дека со овој чин се отвораат процесите за формирање на новата влада и за конституирање на собраниските тела. Следните чекори во работата на Собранието ќе бидат токму во таа насока, како и усвојувањето на предвидените измени на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа, во контекст на најавените локални избори наесен.

Изразувајќи поддршка на натамошната поблиска меѓупарламентарна соработка, соговорниците се согласија дека воспоставените пријателски односи треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба. 

Click