Собраниско раководство

Вторник, 23 мај 2017 година

Средба на претседателот Талат Џафери со г-ѓа Луиза Винтон, резидентен координатор на ОН и резидентен претставник на УНДП

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со г-ѓа Луиза Винтон, резидентен координатор на Обединетите нации (ОН) и резидентен претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).  

Госпоѓа Винтон му го честиташе на г. Талат Џафери изборот за претседател на Собранието на Република Македонија и изрази очекување за брзо враќање на Собранието како центар на политичките случувања во земјата. 

Луиза Винтон, заедно со своите соработници, ја искажаа поддршката на Обединетите нации, особено на УНДП, кои стојат на располагање со своето долгогодишно искуство и експертиза за поддршка на отвореност на парламентот кон граѓаните, надзорот на парламентот над извршната власт, соработката на парламентот со Омбудсманот, анти-корупциската комисија и другите независни институции, како и одговорноста на парламентот кон граѓаните. 

Таа нагласи дека позитивното искуство на Македонија во градењето на мултиетничка и мултикултурна кохезија, може да најде своја рефлексија и да биде пример во иднина, во делот на рамномерниот регионален развој и еднаквиот пристап до институциите за сите граѓани.  

Претседателот Џафери,  заблагодарувајќи се на честитките, искажа уверување дека потребно е враќање кон демократските принципи во институциите на системот и довербата во Собранието на Република Македонија, почитувањето на поделба на власта.

Соговорниците беа согласни дека Собранието, исто така, ќе има своја улога во спроведување на препораките од групата на високи експерти на Европската комисија во делот на владеењето на правото, демократијата и човековите права, што може да послужи како основ за заедничка соработка во иднина. 

Претседателот, г. Талат Џафери, ги информираше соговорниците дека, како поранешен министер за одбрана, бил потписник и активно се залагал за примена на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации, која треба да обезбеди зголемено учество на жените на национално, регионално и меѓународно ниво. 

Во таа насока, г-ѓа Луиза Винтон, изрази надеж дека Собранието на Република Македонија до крајот на оваа година, ќе ја ратификува таканаречената Истанбулска конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство, за што УНДП стои на располагање да обезбеди информации пред нејзината ратификација.

На крајот на средбата, беа изразени заложби и подготвеност за интензивирање на заедничката соработка. 

Click