Неформални групи

Петок, 27 јули 2018 година

Клубот на пратенички на средба со млади лидери од Таџикистан

Клубот на пратенички одржа средба со делегација од Таџикистан, составена од 15 млади лидери-шампиони за родови прашања во нивната земја. Средбата беше на предлог на мисијата на ОБСЕ во Скопје, а на неа присуствуваа Ѓулумсер Касапи, координаторка; Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и членка на Клубот; Ивана Туфегџиќ, координаторка на Клубот на млади; како и пратеничките Лилјана Кузмановска, Мери Лазарова и Лилјана Затуроска.

Делегацијата ја придружуваа Џеф Били, раководител на Одделот за политички прашања на ОБСЕ и Димитар Спасеноски.

На средбата се дискутираше за причините за формирање на Клубот и неговата мисија, улогата на Клубот, предностите и недостатоците на квотите за помалку застапениот пол и стереотипите со кои се соочуваат жените во политиката.

Ѓулумсер Касапи се осврна и на организираните и реализираните активности со поддршка на меѓународните организации и ја истакна важноста од поддршката на мажите за постигнување на целите за родова еднаквост.

Ивана Туфегџиќ ги запозна присутните со процесот на изготвување на Закон за млади со вклученост на невладините организации и подмладоците на политичките партии, како и со состојбите по неколку актуелни прашања, како што се младинската гаранција, одливот на мозоци и младинскиот активизам, и притоа ја нагласи и улогата на студентското движење во земјата.

Младите лидери од Таџикистан го претставија проектот кој ОБСЕ го спроведува во нивната земја за јакнење на правата на жените, преку кој се изградени мрежи на жени, мрежа на млади и мрежа на мажи кои поддржуваат жени, а се спроведуваат и обуки за менторство со партиципација на претставници од политичките партии и од невладиниот сектор.

Тие истакнаа дека и покрај малиот број на парламентарки во нивниот парламент, е оформена Алијанса на жени парламентарки и работат на измени на законите во правец на постигнување на поголема родова еднаквост. Нивна цел е да имаат жени на сите позиции и нивоа во општеството. Тие покажаа посебен интерес за мерките кои Македонија ги презема во борбата со семејното насислство.

Лилјана Кузмановска го поздрави ентузијазмот кај овие млади луѓе и им порача дека е важно да работат на промена на концептот и свеста за родовите прашања. 

Даниела Рангелова ја истакна важноста за колективно делување заради постигнување на зацртаните цели и со нив ја сподели иницијативата за 50% жени на кандидатските листи.

Мери Лазарова ги информираше за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство,.

Лилјана Затуроска ги охрабри младите лидери во нивното делување, потенцирајќи дека патот до целта е трнлив и им препорача да најдат начин да ги излобираат нивните зацртани цели.

На крајот од средбата, Касапи изрази благодарност за посетата и за покажаниот интерес за работата на Клубот и подготвеност за соработка во иднина и на парламентарно ниво. 

Click