Pratenichki sostav
 
Пратенички состав

Среда, 10 октомври  2018 година

Отворена Женска соба на Клубот на пратенички

Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија, во пресрет на утрешниот празник 11 Октомври - Денот на востанието на Македонија, организираше отворање на Соба на Клубот на пратенички. 

Во воведното обраќање, координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, информираше дека Клубот е неформална група во Собранието, формирана 2003 година и составена од сите пратенички, независно на која пратеничка група припаѓаат. Клубот на пратенички треба заеднички да дејствува и да придонесува, во спротивно не треба да постои, беше децидна Касапи.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, како иницијатор на идејата за формирање на Собата, истакна дека се следи примерот на Шведскиот парламент за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и работните тела во Собранието. Во оваа Соба, Клубот на пратенички ќе функционира, ќе одржува состаноци, средби, ќе прима делегации и ќе се дружи. 

Целта на Собата е да се сочува и негува институционалната меморија, да сведочи за историјата и да биде поттик за сите млади поинаку да гледаат на улогата на жените во политиката, потенцира потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, додавајќи дека за прв пат се собрани потписи од сите пратеници за да се зголеми квотата за вклученост на жените, односно да биде 50:50.

Квотите да бидат паралелни со квалитетот. Овој парламентарен состав ја има историската одговорност и шанса да влијае на еден поинаков начин на дијалог. Не станува збор за еманципација на жените, туку да се работи на еманципација на мажите за придобивките од еднаквата вклученост на жените во сите сфери на дејствување - истакна поранешната координаторка на Клубот, Славица Грковска. 

Денешниот настан беше убава можност на едно место да се соберат актуелните и поранешните членки и координаторки на Клубот на пратенички, како и сите оние што придонеле за улогата на жената во политичкиот и воопшто општествениот живот. Притоа, беше упатена благодарност за безрезервната поддршка на претседателот Џафери и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

Мисијата на Клубот на пратенички продолжува - делување со заедничка и единствена цел - преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата, како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество.