Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


 

НИКОЛА МИНЧЕВ

 

 

 

 


Животниот пат на Никола Минчев е исполнет со непрекината активност и творештво уште од пред војната - во напредното младински и студентско движење, потоа како активен учесник во Народноослободителната борба и Револуцијата од нејзиниот почеток од 1941 година, како и во периодот по ослободувањето во социјалистичката изградба на земјата.

Во неговото богато животно и работно искуство се вткаени крупни постигања во задачите што ги извршување на повеќе полиња од општественото живеење. Не случајно се вбројува меѓу најодговорните државно-политички функционери на Република Македонија.

Никола Минчев е учесник во НОВ од 1941 година. Член на КПЈ е од 1943 година. Еден од организаторите е на Првиот тиквешки партизански одред, бил командант на Третата оперативна зона, секретар на околиски и областен комитет на КПМ, член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и на Партизанските одреди на Македонија.

Бил член и потпретседател на Владата на Република Македонија, потпретседател на Собранието на РМ, член на Сојузниот извршен совет, претседател на Извршниот совет на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, член на Советот на Федерацијата, на ЦК СКЈ и на ЦК СКМ, на Политбирото и на Извршниот комитет.
 
Основното образование го добил во Кавадарци, а Учителска школа завршил во Скопје пред Втората светска војна. Учителствува во неколку села во Македонија, во времето на Кралство Југославија. Пред самата Втора светска војна, од 1940 година, бил учител во скопското село Љубанци.

Тогаш се запишува на Скопскиот универзитет, како вонреден студент на групата филозофија со педагогија. Потекнува од старо македонско револуционерно семејство. Бил делегат на Второто заседание на АВНОЈ и на Првото заседание на АСНОМ и член на Президиумот на АСНОМ. Никола Минчев е прв министер за просвета во првата македонска влада. Тој ја потпиша одлуката за првата македонска азбука и првиот македонски правопис и учествува при основањето на Филозофскиот факултет во Скопје.
     
Повеќе од една деценија Никола Минчев бил на функции во Федерацијата. Беше член на Сојузниот извршен совет и ги извршуваше функциите министер за финансии на Југославија и директор на Сојузниот завод за стопанско планирање.
     
Со својата богата и плодна активност, Никола Минчев во текот на целиот свој живот давал значаен придонес во изградбата на Република Македонија. Функцијата претседател на Собранието на Република Македонија ја извршување со голем успех од 23 септември 1968 до 6 мај 1974 година. Почина на 6 април 1997 година. Одликуван е со високи признанија за значаен придонес за изградбата на Република Македонија.