Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


 

БОШКО СТАНКОВСКИ

 

 

 

 

 
Роден е на 26 октомври 1925 година во село Брусник, Битолско. Учесник е во Народноослободителната борба и е носител на Партизанска споменица 1941. Бил член на СКОЈ од јануари 1941 година, а член на КПЈ - од ноември 1943 година. Завршил Институт за општествени науки во Белград. Бил член на Секретаријатот на Републичкиот совет на Сојузот на синдикатите на Македонија, секретар на Извршниот комитет на ЦК на СКМ, претседател на Републичката конференција на ССРНМ, член на Претседателството на ЦК на СКМ. На Осмиот конгрес на СКЈ бил избран за член на СК на СКЈ. 
     
Уште како млад Бошко Станковски бил вклучен во активностите на Народноослободителниот младински сојуз, поради што бил избран за член на Секретаријатот на Главниот одбор на НОМС, а подоцна бил избран за претседател на Главниот одбор.
     
Од 1947 до 1948 година е слушател на средната партиска школа на ЦК СКМ, а потоа во 1951/1952 година бил наставник и заменик на директорот на таа школа. Во учебната 1952/1953 и 1953/1954 година е студент на Институтот за општествени науки во Белград, каде што и дипломира со одличен успех. Од 1960 до 1962 година е именуван за раководител на Марксистичкиот центар на ЦК СКМ.
     
За повеќегодишната плодна општествено-политичка активност и за работата во органите на власта Бошко Станковски е лауреат на многубројни признанија. Одликуван е со Орден на Републиката, Орден на трудот со црвено знаме, Орден братство и единство со сребрен и со златен венец и Орден за храброст. Има добиено и неколку одликувања од странство.
     
На конститутивната седница на Собранието на Социјалистичка Република Македонија од третото делегатско свикување, од 28 април 1982 година, на кое беа конституирани новите состави на Претседателството на СРМ и на Извршниот совет, за претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија беше избран Бошко Станковски. На таа заедничка седница на сите собори на Собранието беше извршен и изборот на членовите на Претседателството на СР Македонија во состав: Џемаил Вејсели, Ванчо Апостолски, Филип Брајковски, Томе Буклевски, Ангел Чемерски, Благоја Талески, Благој Попов и Фахри Каја. За претседател на Извршниот состав на Собранието на СРМ беше избран Драгољуб Ставрев.
     
Функција претседател на Собранието Бошко Станковски ја извршуваше до 28 април 1984 година. Трагично го загуби животот на 13 март 1987 година.