Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


 

МИТО ХАЏИВАСИЛЕВ - ЈАСМИН

 

 

 

 

 
Животниот пат на Мито Хаџивасилев - Јасмин почнува во Кавадарци, градот на убавината на виното, каде што е роден на 21 декември 1922 година, за да се пресели потоа во Битола каде што завршува гимназија. Уште во училишните клупи почнува да соработува со напредното младинско движење. Во 1940 година, како 18 - годишен младинец е примен во членство во КПЈ. Пред војната тој е член на Месниот комитет во Кавадарци и секретар на МК на СКОЈ.

Поради неговата активност бил затворен. До ослободувањето Мито Хаџивасилев извршува истакнати функции во народноослободителното движење: заменик политички комесар на Третата оперативна зона на НОВ и ПОЈ за Македонија и заменик политички комесар на Втората народноослободителна македонска ударна брига.

До 15 јануари 1945 година е член на Обласниот народен одбор во Битола, а од крајот на 1945 година до први јануари 1948 година е главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“. На полето на новинарството и публицистиката тој постигна извонредни резултати.

Остави многубројни трудови што останаа забележани на страниците на дневниот печат и периодичните списанија. Автор е на повеќе книги и брошури, а меѓу нив од областа на македонската национална историја се „ВМРО-Обединета“, „Јане Сандански“ и „За великобугарскиот шовинизам“, од областа на општествените науки „Свртени кон човекот“, „СКЈ и непосредната демократија“, „Социјалистичката распределба според трудот“, „Одраз-Израз“, „За противречностите на социјализмот“.
 
Мито Хаџивасилев извршувал должност директор на Уредот за информации на НРМ и началник за агитација и пропаганда во Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија. Во 1962 година повторно е именуван за главен уредник на весникот „Нова Македонија“.
     
Речиси две децении Хаџивасилев е член на највисоките партиски и државни органи на Републиката. На Првиот конгрес на КПМ бил избран за кандидат, а потоа и за член на ЦК КПМ. На Вториот и Третиот конгрес на КПМ одново е избран во највисокото партиско раководство, а на Седмиот конгрес на СКЈ - за член на Централниот комитет. Од 1957 година беше претседател на Идеолошката комисија на ЦК СКМ, а од 1964 до 1967 - член на ИК на ЦК СКМ и секретар на ЦК СКМ за идеолошкиот сектор. Бил и член на Претседателството.
     
Мито Хаџивасилев - Јасмин заземал истакнати функции и во државниот апарат. Беше пратеник во Народното побрание на НРМ (второ, трето и четврто свикување), секретар на Извршниот совет на Македонија, а бил пратеник и во Сојузното собрание, како и член на Советот на Федерацијата.

На 12 мај 1967 година беше почестен со изборот за тогаш највисоката државничка функција во Републиката - претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија. На таа функција беше со едногодишен мандат. Носител е на повеќе признанија и одликувања за својата неуморна дејност. Почина на 1 август 1968 година.