Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


 

КАТА ЛАХТОВА

 

 

 

 

 
Родена е на 30 август 1924 година во Радовиш. Од 1944 година е учесник во НОБ, кога што била примена и за член на Комунистичката партија на Југославија. Во НОБ била политички комесар на чета и заменик политички секретар на баталјон.
     
Во својата долгогодишна работа и активност од ослободувањето на земјата до крајот на нејзиниот живот (24 февруари 1995 година), се здобила со богато искуство, извршувајќи притоа повеќе одговорни раководни должности и функции во органите на Републиката и во општествено-политичките организации. Била секретар на Околискиот комитет на КПМ во Радовиш, член на Управата за агитација и пропаганда на ЦК СКМ, секретар на Општинскиот комитет на КПМ - Охрид, секретар и претседател на Комисијата за статутарни прашања на СКМ, член на Централниот комитет на СКМ, член на Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија, претседател на Конференцијата за општествена активност на жените, член на Секретаријатот на Сојузниот одбор за општествената положба на жените на Југославија, делегат на Собранието на СРМ во Собранието на СФРЈ, претседател на Општествено-политичкиот одбор на Собранието на СРМ и потпретседател на Собранието.
     
Својствено за времето во кое што дејствува и работи, Ката Лахтова се пројавува како голем борец за развој на општествено-политичкиот и економскиот живот, за изградбата на општеството врз самоуправни односи, за доминантната улога на работничката класа, а се залага и за развивање и јакнење на братството и единството, рамноправноста и заедништвото на македонскиот народ и народностите.
     
Со своите работни, стручни и морално-политички квалитети и способности се стреми за примената и развивањето на колективната работа и одлучувањето, за остварување на личната и колективната одговорност, а се пројавува и како борец против антисоцијалистичките и антисамоуправните појави, како и против сите видови национализам, сепаратизам, шовинизам, иредентизам итн.
     
Функцијата претседател на Собранието на Република Македонија ја извршува од 28 април 1984 до 25 април 1985 година.