Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


 

ВУЛНЕТ СТАРОВА

 

 

 

 

 
Значајно е веднаш да се нагласи дека Вулнет Старова, Албанец, како професор, општественик, доктор по медицински науки, е последниот претседател на делегатското собрание на Социјалистичка Република Македонија. На таа функција беше избран на конститутивната седница на Собранието од четвртото делегатско свикување на 28 април 1986 година, кога беа избрани и новите состави на Претседателството и на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршуваше до 8 јануари 1991 година, кога беше конституирано првото повеќепартиско собрание. Потоа работеше на Медицинскиот факултет, на Детската клиника, а извршуваше и професорска универзитетска дејност.
     
Почина на 5 август 1995 година.
  
Животниот пат на Вулнет Старова беше исполент со извонредно голема динамичност. Роден е на 6 мај 1934 година во Подградец, од каде што неговото семејство доаѓа во Скопје. Како лекар специјалист - педијатар и доктор по медицински науки бил вклучен во активноста на повеќе општествено-политички организации и во органите на власта. Покрај другото, бил делегат во Сојузниот собор на Собранието на СФРЈ, додека во Собранието на СР Македонија бил делегат од 1965 до 1969 година во Организационо-политичкиот собор.
     
Исто така, бил член на Претседателството на Синдикатот на општествените дејности, член на Статутарната комисија на Сојузот на комунистите на Македонија, член на ЦК на СКЈ, на Републичката конференција на ССНРМ и претседател на Секцијата за здравство. Извесно време ја извршувал и функцијата претседател на југословенската комисија за соработка со светската здравствена организација, а членувал и во југословенската комисија за УНИЦЕФ. Неколку години беше и командант на Републичкиот штаб за цивилна заштита.
     
Од 1974 до 1978 година Старова бил потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ. Напоредно со тоа членувал и бил секретар на Републичкиот секретаријат за здравство и социјална политика. Бил и претседател на Одборот за труд, здравство и социјална политика. Од 1978 до 1986 година бил делегат во Собранието на СФРЈ - Сојузниот собор.
     
Одликуван е со три ордена: Братство-единство со златен венец, за труд со црвено знаме и за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Како претседател на Собранието се залагаше засилено да се дејствува во подобрувањето на ефикасноста на Собранието, како највисок орган на власта во рамките на правата и должностите на Републиката и парламентарниот дом широко да се отвори по иницијативите и предлозите на сите учесници во делегатскиот собраниски систем.