ЕУ вести

Среда, 4 јануари 2017 година

Архус и Пафос - европски градови на културата за 2017 година 

Данскиот град Архус и кипарскиот Пафос ја имаат честа да бидат престолнини на европската култура за 2017 година.

На тој начин, овие два града ќе бидат домаќини на еден од најпопуларните проекти на Европската Унија, кој претставува можност преку културата на различните заедници, да се поттикнат силни локални, европски и меѓународни партнерства.

Културната програма официјално ќе започне на 21 јануари во Архус, додека свеченото отворање во Пафос е седум дена подоцна. 

„Промислување“ е централната тема во Архус, со цел да се покаже како уметноста, културата и креативниот сектор можат да помогнат повторно да се размислува и да се обликуваат основните социјални, урбани, културни и економски модели на однесување и да се најдат нови решенија за заедничките предизвици. Уметнички изложби и детски фестивали на литературата, се само дел од предвидените културни настани во овој дански град.

Централното мото на Пафос, пак, е „Поврзување континенти, премостување култури“, со ставање акцент на мултикултурализмот и географската близина на Блискиот Исток и Северна Африка. Митот и религијата се темите за инспирација на културната програма, со уникатен спектакл на музика и танц.

Проектот „Европски градови на културата“ е инициран во 1985 година од страна на тогашната грчка министерка за култура, г-ѓа Мелина Меркури и низ годините претставува една од најистакнатите културни иницијативи во Европа. Градовите се избрани врз основа на културната програма која мора да содржи силна европска димензија, со активно вклучување на жителите, привлекување на туристи и придонесување кон долгорочен развој на градовите.

Минатата 2016 година, европски престолнини на културата беа полскиот Вроцлав и шпанскиот Сан Себастијан, додека во 2018 година, таа чест ќе им припадне на главниот град на Малта, Валета и холандскиот Леуварден.