ЕУ вести

Вторник, 13 јануари 2015 година

Аушвиц - вечен крик на очај и предупредување за човештвото

На одбележувањето на 70-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц, претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, изјави дека Евреите во Европа сè уште се плашат за својата безбедност, дека тоа е нешто што застрашува и треба да се спротиставиме на тој страв. 

„Аушвиц е потсетник за човештвото. Тој секогаш ќе биде крик на очај и предупредување за човештвото“, истакна г. Шулц, додавајќи дека сите имаме колективна одговорност да гарантиме дека никогаш нема да се повтори. 

Во своето обраќање, тој се осврна и на неодамнешните напади во Париз, истакнувајќи дека таа омраза не смее да стане заразна. 

Во завршниот говор, првиот европарламентарец истакна: „Мораме да се бориме за правата на секое човечко суштество. Во овој Парламент на многу народи, тоа е наша посебна должност“.

На 27 јануари 1945 година, советските војници го ослободиле Аушвиц, создаден од страна на нацистите пет години порано, за време на Втората светска војна. Повеќе од еден милион луѓе биле убиени (90% Евреи, потоа Роми, политички неистомисленици и руски воени затвореници) во најголемиот камп на смртта, застрашувачкото место на глад, болести, тортура, медицински експерименти и на гасни комори. Тоа што се случувало таму, го шокираше и сè уште го вознемирува целиот свет.

Click