ЕУ вести

Петок, 16 септември 2016 година

Номинации за наградата „Сахаров“

Европскиот парламент ги објави номинираните за годишната награда „Сахаров“, која ја доделува уште од 1988 година на исклучителни личности и организации кои се залагаат за слобода на мислата, човековите права и основни слободи.

Честа да ја добие наградата на 27 октомври ќе ја има еден од следните кандидати: 

  • Новинарот Кен Дундар и неговите колеги кои се борат за слобода на говорот во Турција. Дундар е поранешен главен уредник на турскиот весник „Чумхуријет“, кој беше уапсен во ноември минатата година, откако весникот објавил снимки со шверц на оружје за бунтовниците во Сирија од страна на Турската разузнавачка служба. Осуден е на пет години и 10 месеци затвор за откривање државни тајни, против што поднел судска постапка, преживеал обид за атентат, а сега живее во егзил. 
  • Мустафа Џемилев - поранешен претседател на Татарскиот парламент и лидер на кримските Татари, како и поранешен советски дисидент и украински пратеник, кој се бори за човековите и малцински права повеќе од половина век. Тој имал само шест месеци кога неговото семејство и останатото татарско население биле депортирани во Централна Азија. Добил можност да се врати назад 45 години подоцна, но по анексијата на полуостровот Крим од страна на Русија, за него повторно е забранет влезот на Крим. 
  • Надја Мурад Басед и Ламија Аји Башар – активистки на верската заедница Јазиди од Ирак која зборува курдски, кои го преживеале ропството и сексуалното злоставување од страна на Исламската држава. Двете се од Кочо, село во близина на Синџар, Ирак, кое било окупирано од ИСИС летото 2014 година, кога бројно население било масакрирано, а илјадници девојки и жени киднапирани и принудени на сексуална робија. Мурад, исто така, е промоторка за меѓународно признавање на геноцидот над Јазидите. 
  • Академик Илхам Тохти - мирен застапник на правата на ујгурското малцинство во Кина, кој издржува доживотна казна затвор. Бил осуден за сепаратизам како коосновач на интернет-страницата „Uyghur Online“ поради промовирање разбирање помеѓу Ујгурите и Хан-Кинезите.