ЕУ вести

Понеделник, 18 јануари 2016 година

Пленарна седница на Европарламентот

Европскиот парламент, од 18 до 21 јануари, одржува пленарна седница во Стразбур, во рамките на која утре ќе се одржи дебата со претседателите на Европскиот совет и на Еврокомисијата, г. Доналд Туск и г. Жан-Клод Јункер, за исходот од декемврискиот самит на ЕУ лидерите во Брисел, во однос на миграцијата, тероризмот и британскиот референдум.

Истиот ден, ќе се дебатира и за состојбата на владеење на правото и ограничувања на слободата на медиумите во Полска, а ќе се одржи и дебата со шефот за надворешна политика на ЕУ, г-ѓа Федерика Могерини, за развојот на настаните во Сирија и зголемените тензии меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Утре ќе се гласа и по Предлог-резолуцијата во која е предвидено преку програми во полето на културата и образованието да се делува во справувањето со предизвиците на миграцијата и радикализацијата, односно да се зајакне меѓусебното разбирање и да се промовираат заеднички фундаментални вредности во борбата против екстремизмот од сите видови. 

Денеска, европратениците ќе го разгледаат Предлогот да се стави вето на нацрт-одлуката за рестрикциите на емисиите на дизел автомобилите, а ќе стане збор и за гео-блокирањето и зајакнувањето на единствениот дигитален пазар со апликации.

В среда, пак, Европратениците ќе дебатираат за приоритетите на Холандското претседателство со Советот, заедно со премиерот на Холандија, г. Марк Руте.

Истиот ден ќе бидат разгледани импликациите од одлуката на Франција да се повика на клаузулата од договорот на ЕУ за заедничка одбрана, за прв пат во историјата, да побара помош од земјите-членки на ЕУ во својата „војна“ против т.н. Исламската држава (ИСИС).

Исто така, европратениците ќе расправаат со францускиот министер за надворешни работи и меѓународен развој, г. Лорен Фабиус, за Договорот за справување со климатските промени, пред истиот да биде ратификуван од страна на ЕУ.

Членовите на европскиот законодавен дом ќе ја изразат и својата загриженост околу дозволена содржина на шеќер во храната за бебиња и ќе побараат нејзино намалување во Нацрт-резолуцијата, која ќе се гласа во среда.

Европратениците треба да го ратификуваат и Договорот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Косово, што е важен прв официјален чекор во интеграцијата на Косово во Европа. Ќе се разговара и за напредокот на Грузија, Молдавија и Украина кон ЕУ.

Решавањето на проблемите со невработеноста на младите, како и човековите права и резолуции на демократијата, стандардно ќе бидат дел од агендата на пленарната седница.        

Click