ЕУ вести

Петок, 28 октомври 2016 година

„Сахаров“ награда за преживеаните Јазиди активистки

Активистките Надја Мурад Басед и Ламија Аји Башар, кои се гласноговорнички на жените жртви на сексуално насилство од ИСИС и се залагаат за меѓународно признавање на геноцидот над Јазидите, се овогодишните добитници на наградата „Сахаров“, која ја доделува Европската парламент за слобода на мислата. 

Двете активистки, кои припаѓаат на верската заедница Јазиди од Ирак која зборува курдски,  преживеале робија и сексуално злоставување од страна на терористите од Исламската држава. Потекнуваат од Кочо, село во близина на Синџар, Ирак, кое било окупирано од ИСИС на 3 август 2014 година, кога бројно население било масакрирано, а илјадници девојки и жени, вклучувајќи ги и нив и нивните сестри, се киднапирани и принудени на сексуална робија. 

Во ноември 2014 година, Мурат успеала да избега со помош на соседното семејство кое ја прошверцувало надвор од контролираната област, овозможувајќи ѝ да дојде до бегалскиот камп во северен Ирак, а потоа до Германија. Во декември 2015 година, на седницата на Советот за безбедност на ОН, Мурат го имала првото обраќање во историјата за трговија со луѓе, со моќен говор за нејзиното искуство. Минатиот месец таа стана првата амбасадорка на добрата волја на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, за достоинство на преживеаните од трговија со луѓе. Исто така, учествува во глобални и локални иницијативи за поддршка во подигнувањето на свеста за тешката состојба на безбројте жртви на трговијата со луѓе.

Што се однесува на Аји Башар, таа неколкупати се обидела да побегне од терористите, пред конечно да избега во април годинава, со помош на нејзиното семејство, кое им платило на локалните шверцери. Додека бегале, на патот кон курдската граница, една мина експлодирала, при што убила двајца од нејзините познаници, додека неа ја ранила и речиси ослепила. Сепак, успеала да побегне во Германија, каде и била пружена лекарска помош и каде повторно се нашла со преживеаните браќа и сестри. По нејзиното заздравување, активна е во подигањето на свеста за страдањето на заедницата Јазиди и им помага на жените и децата жртви на ИСИС. 

„Со доделувањето на наградата на Надја Мурат и Ламија Аји Башар, покажуваме дека нивната борба не е залудна и дека сме подготвени да им помогнеме во нивната борба против бруталноста од страна на таканаречената Исламска држава, на која толку многу луѓе сè уште се изложени", истакна претседателот на европскиот законодавен дом, г. Мартин Шулц.

Церемонијата на доделување на наградата „Сахаров“, која се доделува од 1988 година во чест на поединци и организации кои се залагаат за човековите права и основни слободи, во вредност од 50.000 €, ќе се одржи во Стразбур на 14 декември.