ЕУ вести

Петок, 16 септември 2016 година

„Сите сме исти луѓе и треба да работиме заедно“

Тибетскиот духовен лидер, Далај Лама, во својата петта посета на Европскиот парламент, се сретна со претседателот Мартин Шулц и членовите на Комисијата за надворешни работи, при што разговарале за глобални прашања и човековите права во светот.

Далај Лама изразил воодушевување од духот на Европската Унија затоа што работи за добробит на своите граѓани, додавајќи дека тој дух треба да се прошири и во Африка и ширум светот.

„Сите сме исти луѓе и треба да работиме заедно“, изјави Далај Лама и повика на сочувство, љубов, простување, толеранција, внатрешен мир и самодисциплина, наместо нагласување на разликите меѓу луѓето што доведува до верски или национални конфликти.

Од друга страна, првиот човек на европскиот законодавен дом се заблагодари за духовното збогатување преку искрениот, отворен, и широка разговор со духовниот лидер.