Пратенички состав

Четврток, 15 септември 2016 година, Стразбур

Обраќање на претседателот Вељаноски на Европската конференција на претседатели на парламенти, на тема: „Миграциите и бегалската криза во Европа – улогата и одговорностите на парламентите“

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,
Екселенции,

Миграцијата како појава од цивилизациски аспект не е нешто ново за светот и за Европа, меѓутоа актуелната мигрантско-бегалска криза претставува феномен незабележан во поновата светска историја. Тоа што денес се случува претставува глобален проблем. Само да потсетам дека и на штотуку завршениот Самит на групата Г-20, бегалската криза со која се соочуваме е дефинирана како глобален проблем кој бара и соодветен пристап и решение. Основна задача на меѓународната заедница, но и на секоја држава е како да им се помогне на овие несреќни луѓе, а во исто време да се обезбеди мир во државите и регионите од каде што доаѓаат. Меѓународното право, пред сè мислам на темелните документи на ОН, потоа Конвенцијата на ОН од 1951 година, како и редица документи и Резолуции на Советот на Европа, многу јасно ги определуваат обврските на меѓународната заедница и на секоја држава во заштитата на овие луѓе. Но, во исто време, оваа бегалска криза за државите низ кои бегалците транзитираат, а посебно за државите кои се нивна крајна дестинација, предизвикува голем број прашања и дилеми од економски, културен, демографски и безбедносен карактер.

Дами и господа,

Мојата држава, Република Македонија, навистина не е крајна цел на овие миграциски бранови, но затоа е дел од западнобалканската рута по која поминуваат бегалците, а која започнува од Турција, па потоа Грција, поминува низ Македонија, Србија и преку Унгарија доаѓа до Европската Унија. Според податоците на нашите надлежни институции, во последните 16 месеци низ Македонија транзитирале повеќе од 900 илјади бегалци. Сето ова за Република Македонија, која има 2 милиони жители и ограничени материјални и човечки ресурси, е навистина голем предизвик од повеќе аспекти.

Прво, како да се обезбедат минимум достоинствени услови овие луѓе да ја поминат Македонија, односно од јужната граница со соседна Грција до северната граница со соседна Србија. Бидејќи на почетокот од оваа мигрантско-бегалска криза нашето законодавство не дозволуваше слободно поминување низ територијата на државата, што беше повод овие луѓе да бидат жртви на организирани криминални банди, како Парламент, по итна постапка го сменивме Законот за азил, со што овозможивме преку активна регистрација, секој бегалец да добие соодветен статус за да може легално, користејќи средства на јавниот превоз да ја помине државата.
Понатаму, со помош на надлежните институции, пред сè Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Црвениот Крст, но и со огромен ангажман на невладиниот сектор и личната солидарност на нашите граѓани собрани се многу средства за лична хигиена, храна, вода, облека и медицинска заштита, со што на овие луѓе барем малку им е вратено она достоинство кое треба да го ужива секој човек.

Дами и господа,

Факт е дека бегалската криза пред сè ја погодува Европа, и затоа справувањето со неа мора да биде на ниво на Европа. Секако за тоа е потребна максимална соработка меѓу сите држави, односно соработка помеѓу надлежните институции. 

На почетокот од мигрантско-бегалската криза, кај нас се чувствуваше недостаток на кооперативност од страна на нашиот јужен сосед, но тоа е надминато бидејќи на сите ни е јасно дека тоа е наш заеднички интерес.

Во насока на соработка на погранично управување и побараната поддршка поврзана со безбедносните аспекти на мигрантската криза, неколку партнерски земји одговорија со распоредување на полицајци, опрема за погранична заштита, како и финансии, и тука би ги споменал: Унгарија, Хрватска, Србија, Словенија, Чешка, Словачка, Австрија и Полска. Сакам да истакнам дека денес на нашата јужна и северна граница, присутни се мешовити полициски патроли. Резултатите од зајакнатото присуство и активен ангажман на македонските безбедносни сили, но и на мешовитите полициски патроли, се видливи. Во периодот јануари – септември 2016 година беа пресретнати над 30.000 обиди за илегален премин на нашата јужна граница. Во август 2016 година беа спроведени вкупно 588 гранични патроли заедно со офицерите од Австрија, Хрватска, Србија, Словенија, Словачка и Унгарија.  Секако, соработката за погранично управување продолжува и понатака.

Почитувани присутни,

Преку нашата делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Република Македонија активно учествува и во креирањето на документите и резолуциите кои овде се донесуваат, а се однесуваат на мигрантско-бегалската криза, но и активно работиме на нивно имплементирање.

Исто така, во рамките на билатералната соработка, како и во сите форми на мултилатерална соработка, пред сè на ниво на региони, посебно ја потенцираме потребата од соработка околу решавањето на сите проблеми кои ги наметна оваа криза. Затоа, убеден сум дека и оваа наша средба ќе даде соодветен квалитетен придонес со цел како подобро да одговориме на сите предизвици кои ги носи бегалската криза и секако како да помогнеме да се создадат услови во државите од каде што доаѓаат бегалците да се постигне мир и услови за нормален живот на тие луѓе.

Ви благодарам.