Пратенички состав

Петок, 16 септември 2016 година, Стразбур

Обраќање на претседателот Вељаноски на Европската конференција на претседатели на парламенти, на тема: „Националните парламенти и Советот на Европа: Заедничко промовирање на демократијата, човековите права и владеење на правото“

Почитувани  колеги,
Дами и господа,

Од неговото основање на 5 мај 1949 година, Советот на Европа, исполнувајќи ги своите статутарни одредби, дејствува кон воспоставувањето, остварувањето, заштитата и развојот на човековите права и основните слободи, јакнењето на демократијата и создавањето на заедничките правни стандарди. Советот на Европа е во најдобра позиција ефективно да ги третира човековите права, демократијата и владењето на правото, бидејќи располага со стандарди и методологија за соработка во низа области и лесно може да ги мобилизира кон заедничка цел клучните актери во цела Европа, и тоа владите преку Комитетот на министри, парламентите преку Парламентарното собрание, локалните власти преку Конгресот на локалните и регионалните власти, како и невладините организации преку Конференцијата на меѓународни невладини организации. Токму Советот на Европа беше организацијата преку која започна европското и евроатланското интегрирање на Република Македонија - прво во 1993 година со статусот на специјален гостин на Собранието и потоа од 1995 година како полноправен член.

Како земја во транзиција која требаше да изврши длабоки општествено-економски реформи, моравме да донесеме или измениме, во релативно кус временски рок, стотици закони. Помошта што притоа ја добивавме од Парламентарното собрание, Венецијанската комисија и другите специјализирани тела на Советот на Европа за низа значајни законски проекти сврзани со развојот на парламентаризмот и јакнењето на демократијата, за нас беше посебно драгоцена. Симболично речено, вратата за приклучување кон европското семејство за нас најнапред беше отворена од страна на најстарата европска организација, која денес соединува 800 милиони Европејци.

Република Македонија за прв пат претседаваше со Комитетот на министри на Советот на Европа во 2010 година, што беше и година во која Советот на Европа ја одбележа 60-годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права, еден од најпрепознатливите правни инструменти на организацијата. Во рамките на нашето шестмесечно претседателство, покажавме дека сме подготвени и имаме капацитет активно да придонесуваме во решавањето на прашањата со кои се соочува Советот на Европа и дадовме максимален придонес за промоција на вредносите и стандардите на Организацијата и за нејзината политичка релевантност на меѓународната сцена. Како Собрание, континуирано вложуваме напори да ја потврдиме нашата улога на клучен демократски столб во општеството и притоа експертизата на нашиот природен партнер, Парламентарното собрание на Советот на Европа, е од суштинско значење за целокупниот демократски развој. Делегациите на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа уште од 1995, кога Република Македонија стана полноправна членка на Советот на Европа, активно учествуваат во работата на комисиите и на пленарните заседанија на Парламентарното собрание.

За нас, актите и извештаите на Советот на Европа за состојбата на демократските стандарди, човековите права и слободи во Република Македонија секогаш имаат сериозно влијание врз нашите внатрешни реформи. Преку активното учество на нашите државни институции во форумите и телата на Советот на Европа, како и преку активното учество на претставниците на државата во специјализираните тела на Советот на Европа, несомнено се покажува нашата посветеност да изградиме општество кое почива на принципите и вредностите на најстарата европска меѓународна организација.

Почитувани колеги,

Верувам дека ќе се сложите дека човековите права и граѓанските слободи, како и развојот на демократијата, никаде и никогаш не се докрај остварени, а нивното остварување е континуиран процес. Советот на Европа е институција која обезбедува корисни законодавно-правни инструменти во изнаоѓањето на адекватни одговори на современите предизвици. Препораките на Советот на Европа кај нас секогаш биле добродојдени и сметани како поддршка на нашиот демократски развој.

Пред нас е период кој го сметаме за важен во процесот на нашата евроинтеграција. И покрај политичките предизвици со кои се соочуваме, контунирано сме посветени на градењето на мултикултурно, мултинационално и мултиконфесионално општество, на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на отворените билатерални прашања.

Дами и господа,

Денес, кога ја прославуваме 25-годишнината од нашата независност и речиси 21 година од нашиот прием во Советот на Европа, можеме да констатираме дека сме оствариле значајни резултати во почитувањето на човековите права и слободи и воопшто во имплементацијата на принципите, целите и стандардите на Организацијата. Можам со гордост да истакнам дека вредностите на Советот на Европа се препознатливи и се широко прифатени од граѓаните на Република Македонија.

Ви благодарам на вниманието.