Собраниско раководство

Четврток, 10 декември 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на отворањето на Седницата на Парламентарното собрание на ПД ЦЕИ

Дами и господа,
Почитувани колеги пратеници,
Членови на делегациите, 

Навистина ми претставува големо задоволство денеска да се обратам на седницата на Парламентарното собрание во рамките на парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива, тука, во Скопје. Не треба да потсетувам дека ова е една од најстарите европски регионални организации, а денес Централноевропската иницијатива здружува 18 држави, од кои десет се членки на ЕУ, што секако дава и посебна димензија на она што го викаме регионална соработка. Да потсетам, Република Македонија од 1993 година е полноправен член, а оваа година претседава со ЦЕИ.

Почитувани пријатели,

Во мај месец годинава, исто така, се одржа сесија на Парламентарниот комитет, а оттогаш па сè до денес, во регионот, а и во Европа, се случија многу работи кои од една страна се загрижувачки за сите нас, но истовремено уште еднаш го потврдуваат принципот дека само преку регионална соработка на повисоко институционално ниво можеме да ги решаваме проблемите. Секако тука пред сè мислам на бегалската криза и сите оние предизвици, проблеми и закани кои доаѓаат или подобро речено веќе се тука меѓу нас. За жал, трагичните настани во Париз ја потврдуваат реалната опасност од тероризмот кој доаѓа од таканаречената Исламска држава, а кој реално гледано нема никаква поврзаност со исламот како релегија. Должност на секоја држава и секоја влада е да ги заштити своите граѓани, но истовремено, преку соработка, да придонесе кон глобалната борба против тероризмот.

Почитувани колеги,

Во овој период откако започна бегалската криза низ Република Македонија, поминати се стотици и стотици илјади луѓе. Сепак, благодарејќи на организираноста и ангажманот на државните институции, но и на невладиниот сектор, успеавме на овие несреќни луѓе да им ги обезбедиме оние основни услови за живот, храна, вода, облека, средства за лична хигиена и секако медицинска помош на оние на кои им беше потребна, односно да обезбедиме колку толку достојно и безбедно поминување низ Македонија на нивниот пат кон Западна Европа. Истовремено, почитувајки ги меѓународните норми и принципи, како и заклучоците на ЕУ, сите овие луѓе се регистрирани односно им се издадени соодветни документи. Секако, ова да биде направено во голема мерка зависи и од соработката на нашите надлежни институции со надлежните институции со државите во регионот. За жал, таа соработка со нашиот јужен сосед е далеку од тоа каква треба да биде, иако станува збор за заеднички проблем и предизвици за двете држави. Понатаму, морам отворено да истакнам дека од страна на ЕУ имаме добиено многу мала помош и средства за справување со бегалската криза. Патем, и на последниот состанок во Брисел беше истакнато дека на Македонија мора да ѝ се помогне, пред сè материјално, за да продолжи успешно да се носи со бегалската криза.  Затоа, сакам уште еднаш да апелирам до вас, пред сè до нашите членки кои истовремено се и членки на ЕУ, да не дозволат бегалската криза да се решава парцијално и на товар на одредени држави. Солидарноста е принцип врз кој се темели денешна Европа, но да не заборавиме дека мирот и безбедноста се неделиви категории. Ако ги почитуваме овие принципи, мислам дека секоја членка поединечно, но и на ниво на Европа, ќе можеме успешно да се справиме со овие проблеми и предизвици.

Почитувани колеги и пријатели,

Би сакал на крајот до сите вас да изразам благодарност што во овој период кога Република Македонија претседава во рамките на ЦЕИ, парламентарната димензија беше посебно активна и со конкретни резултати. Верувам дека и новиот претседавач Босна и Херцеговина ќе продолжи во тој правец и затоа ја користам оваа пригода да им посакам успешно претседавање. Бидејќи декември е месец на празници, дозволете на сите вас, иако сме во првата половина од месецот, да ви ги честитам претстојните божиќни и новогодишни празници и да ви посакам пред сѐ лична среќа и успешна работа.

Ви благодарам. 

Click