Собраниско раководство

Среда, 7 септември 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски на традиционалниот свечен прием по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија

Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници, министри, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Во предвечерието на 25-годишнината од историскиот референдум за самостојност на Република Македонија, сакам да изразам голема благодарност до граѓаните на Република Македонија кои со консенсуалнo „ДА“ го остварија вековниот сон на многу генерации за самостојна и независна Република Македонија.

Сакам да изразам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието кои волјата на граѓаните ја преточија во Устав на Република Македонија и редица системски закони врз кои почива правниот систем на нашата држава. Во исто време, беа поставени и стратешките интереси на Република Македонија, а тоа се максимално развиени добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Почитувани пријатели,

Дваесет и пет години посветени на развој на една држава и млада демократија не е некој долг период, но верувам дека во овој период постигнати се многу позитивни резултати на сите полиња. Од економијата, културата, образованието, здравството и така натаму. Сепак, тоа што според мене е најважно, е дека во овие 25 години на самостојност, секогаш во преден план бил човекот, односно граѓанинот и неговите индивидуални и колективни права. Тоа за Република Македонија и нашето мултиетничко и мултиконфесионално општество, е еден од фундаментите врз кои верувам и во иднина ќе се развиваме.

Дами и господа,

Во овие 25 години на самостојна и независна држава, убеден сум дека станавме препознатливи и на меѓународната сцена, пред сè со доследно почитување на принципите на меѓународното право и меѓународните стандарди. Факт е дека во остварувањето на нашата стратешка определба за членство во НАТО и ЕУ, единствена пречка е билатералниот спор со нашиот јужен сосед, но мислам дека е започнат добар процес на градење на заемна доверба како прв чекор во решавањето на овој апсурден спор.

Сепак, годинава во која одбележуваме 25 години од нашата самостојност, ја поминуваме во една непринципиелна политичка криза. Позитивен е фактот дека политичките субјекти со помош на нашите меѓународни пријатели, преку дијалог, ги дефинираа политичките критериуми и услови за решавањето на кризата. Притоа, сакам да изразам признание до сите пратеници од овој состав, бидејќи овие критериуми ги преточивме во соодветни законски акти и решенија, со што создадовме услови на следните парламентарни избори, кои треба да се одржат на 11 декември, граѓаните со својот глас да стават крај на политичката криза.

Јас верувам дека сите ние, како одговорни политичари, во целост ќе ја почитуваме волјата на граѓаните.

И токму со таа желба, дозволете на крајот, на сите граѓани на Република Македонија и на сите вас присутни тука, да ви го честитам 8 Септември. 

Нека ни е честит и вечен утрешниот празник!

Нека е вечна Република Македонија!

Благодарам!

Click