Собраниско раководство

Сабота, 11 јуни 2016 година, Софија

Обраќање на претседателот Вељаноски на Третата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ 

Почитувана г-ѓа Цачева,
Почитувани колеги,
Дами и господа,
Во име на Собранието на Република Македонија и во мое лично име, би сакал да изразам благодарност до Националното собрание на Република Бугарија и претседателот г-ѓа Цецка Цачева, за успешното претседавање со Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и за одличната организиција на оваа Пленарна сесија.

Драги пријатели,
Јубилеите претставуваат извонредна прилика да се потсетиме од каде сме започнале, што сме постигнале и што ни преостанува да направиме во иднина.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа своите зачетоци ги влече од 1996 година, во иницијативата покрената на Состанокот на министрите за надворешни работи во Софија, под името Процес на добрососедство, стабилност, безбедност и соработка. Тој ја претставува најстарата и единствената сосема автохтона регионална иницијатива во Југоисточна Европа. За разлика од повеќето слични иницијативи, кои главно беа резултат на интервенцијата на надворешни фактори, ПСЈИЕ уште од самиот почеток претставува самостоен обид на земјите од Југоисточна Европа да ги организираат меѓусебните односи на мултилатерално ниво. Редовните состаноци на највисоко државно, владино и парламентарно ниво се значаен индикатор за духот на кооперативноста, колегијалноста и подготвеноста за соработка во рамките на Процесот. Овој автентичен глас на регионот доведе до поголемо заедништво, помирување и враќање на довербата меѓу земјите од регионот, а низ годините прерасна во значаен форум за политички и дипломатски дијалог, во кој се вклучени сите држави на Југоисточна Европа.

Дами и господа,
Потребата за меѓупарламентарен дијалог меѓу земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа експлицитно е набележана во Повелбата за добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа од Букурешт, а поддршка на континуираната парламентарна соработка беше дадена и во финалните декларации на повеќе самити на ПСЈИЕ. Денес со задоволство можеме да констатираме дека формирањето на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа донесе квалитативна нова фаза во продлабочувањето на парламентарната соработка во Југоисточна Европа, а Собранието претставува клучен фактор во зацврстувањето на стабилноста и унапредувањето на соработката во регионот. Верувам дека дополнителното зајакнување на ПС на ПСЈИЕ, преку формирање на Постојан секретаријат, уште повеќе ќе ја зајакне соработката меѓу националните парламенти на земјите-учеснички, како и соработката со Европскиот парламент и другите меѓупарламентарни собранија. Дополнително, Секретаријатот ќе придонесе за пошироко политичко влијание и видливост на Процесот за соработка во Југоисточна Европа и зајакнување на институционалните и политичките аспекти на Југоисточна Европа како регион. Процесот на одлучување за местото за седиштето на Секретаријатот е отворен повеќе години и сметам дека е од искулучителна важност да се постигне согласност за ова прашање.

Почитувани колеги,
Сите знаеме дека во изминативе две декади Регионот помина низ значајни промени. Постигнати се значајни реформи, кои обезбедија демократизација на нашите општества и имплементација на европските стандарди. Но, морам да нагласам дека пред нас претстои уште многу работа. Покрај политичките турбуленции кои ги доживува регионот, влијанието на глобалните промени во економијата и актуелната мигрантска криза предизвикуваат сериозни потешкотии кај сите земји, без исклучок. Економската соработка, инфрастуктурното и енергетското поврзување се клучни за иднината на регионот, а потребно е и да се фокусираме на солидарност за подобро решавање на мигрантската криза. Отворените прашања треба да се решаваат единствено низ отворен дијалог.
Република Македонија и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и силно е посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Се залагаме за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата, што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување на странски инвестиции.

Драги колеги,
Во далечната 1996 година, како голем успех беше оценето тоа што земјите од регионот имаа сила да седнат на заедничка маса и да го пробијат мразот на меѓусебното изолирање. Резервите кон регионалната соработка постепено отпаѓаа, а преовладеа потребата за градење на атмосфера на меѓусебно разбирање, доверба и сестрана соработка. Денес нашите граѓани, бизнисмени, уметници, спортисти и младите секојдневно ги практикуваат добрососедските односи и меѓусебната соработка. Ние како парламентарци, мораме да го надминеме сето она што нe попречува во развојот на регионалната соработка и од "балканскиот" треба да преминеме кон "нордиски" менталитет, со најразвиени форми на меѓусебно разбирање и поддршка, во насока на унапредување на добрососедските односи.

Ви благодарам на вниманието.

Click