Собраниско раководство

Четврток, 29 октомври 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод 70-годишнината од основањето на Врховниот суд на Република Македонија 

Почитувана госпоѓо претседател на Врховниот суд на Република Македонија,
Почитувани судии,
Почитуван министер за правда,

Дами и господа,

Познатиот римски филозоф Цицерон има речено „ПРАВИЧНОСТА Е ПОСКАПА ОД СЕКОЕ ЗЛАТО“. Ја споменав оваа мисла на Цицерон од едноставна причина, а тоа е дека Врховниот суд на Република Македонија е на врвот на судската пирамида во нашата земја која води грижа да се обезбеди правдата и правичноста во целокупната судска власт и заедно, но во исто време, независно, со законодавната и извршната власт, претставуваат трите столба врз кои се темели државата и владеењето на правото.

Почитувани,

Пред седумдесет години од страна на АСНОМ беше донесена одлуката за формирање на судската власт, а во тие рамки и на Врховниот суд како највисока судска инстанца во тогашна Народна Република Македонија, која беше федерална единица во рамките на Југославија.

По осамостојувањето на Република Македонија во судскиот систем на државата, инаугуриран со Уставот од 1991 година, Врховниот суд на Република Македонија имаше две основни функции:

Прво, тој е највисок суд во државата и
Второ, да обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите.

Оваа положба и улога на Врховниот суд има основа особено во три темелни вредности на уставниот поредок важни за функционирање на системот на власта. Тоа се:

Прво, унапредување и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.
Второ, тоа е начелото на владеење на правото, како и
Трето, начелото на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Судството на Република Македонија на чело со Врховниот суд е носечкиот столб на обезбедувањето и заштитата на човековите слободи и права и остварувањето на начелото на владеење на правото кои се суштински карактеристики на секоја современа и демократска правна држава.

Од овие основни постулати на уставниот и судскиот систем на Република Македонија, се определува и функцијата и позицијата на Врховниот суд.

Својата функција да обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите, Врховниот суд ја остварува преку донесување на начелни ставови и начелни правни мислења кои се задолжителни за советите на Врховниот суд и влијаат врз пониските судови во унапредување на судската практика и усогласената примена на законите од сите судии. Во остварувањето на оваа функција посебно значајна е едицијата ЗБИРКА НА СУДСКИ ОДЛУКИ што секоја година ја издава Врховниот суд и Судската ревија што месечно ја издава Здружението на судиите. Верувам дека секој судија, адвокат, обвинител, односно секој правник, па дури и секој апсолвент на Правниот факултет, редовно ги следи овие едиции и на тој начин ги надградува своите знаења и многу поквалитетно ги извршува своите работни задачи.

Сето ова го споменуваме од причина што денеска кога одбележуваме седумдесет години од воспоставувањето на судската власт во Република Македонија, ние имаме уставно и законски поставена судска власт, а на врвот се наоѓа Врховниот суд, кој е организиран и работи според принципите и стандардите кои владеат во демократска Европа.

Судска власт која може да одговори на сите предизвици кои доаѓаат од процесот на световната глобализација, како и да ги вгради теоретските и практичните дострели на правната наука. Ова е посебно важно за онаа прва димензија, односно функција на Врховниот суд, а тоа е заштитата на човековите права и слободи. Меѓутоа, исто така, значајна е и улогата на Врховниот суд кога станува збор за креирањето на судската политика, посебно за оние тешки кривични дела, како што е на пример организираниот криминал, тероризмот, како и други кои ја загрозуваат стабилноста не само на одделна држава или регион, туку и на светскиот мир и безбедност.

Дами и господа,

Живееме во еден, да го именуваме, турбулентен период, во кој за жал ни се случува организирано создавање на недоверба во сите институции, а посебно во однос на судската власт, чиј носечки дел, секако е Врховниот суд.

Би сакал да бидам јасно разбран.

Критика која се темели врз аргументи, па дури понекогаш и на субјективно мислење, односно перцепција, е потребна и треба да ја прифаќаме отворено и како поттик за натамошен развој и поголем квалитет во нашето работење.

Меѓутоа, рушењето на довербата во институциите, а посебно во судската власт, како што беше онаа несреќна изјава на партиски лидер дека не го признава судот, претставува свесно рушење на столбовите на демократска Македонија.

Последното е дотолку поважно што таквиот однос кон судската власт, убеден сум дека не е во корист ниту на оние кои ја создаваат ваквата антидемократска атмосфера. Од друга страна, во овој дел, сакам јасно да подвлечам дека судската власт, а тоа се однесува и на другите две гранки од власта - законодавната и извршната, мора да работат максимално транспарентно во корист на граѓаните, а не во корист на некои парцијални интереси зад кои стојат тесни кругови.

Не треба да потсетувам дека богињата на правдата Јустиција е претставена како дама со заврзани очи со меч во едната и кантар во другата рака. Со еден збор, симболи кои јасно покажуваат дека сите се еднакви пред законот и судот.

Драги пријатели,

Сите имаме одговорност за потезите што ги влечеме и за постапките што ги чиниме. Ова се однесува како на нас во законодавната, така и на извршната, како и на вас, претставниците на судската власт.

Во оваа смисла, еднаква е одговорноста и на останатите сегменти на нашето општество, односно на опозицијата, на граѓанскиот сектор, на медиумите и така натаму. Имаме обврска внимателно да го доградуваме и обновуваме македонскиот демократски мозаик. Нешто што со децении се градело, треба да се надградува, а не да се руши. Сметам дека е крајно време да престанат овие процеси на растурање на македонскиот демократски мозаик за да можеме да продолжиме да ја развиваме Македонија како држава на сите граѓани.

Со оваа порака, дозволете ми, на крајот, уште еднаш да ви го честитам јубилејот и да ви посакам и во иднина натамошен развој во остварувањето на вашата улога и обврски кои произлегуваат од Уставот и Законите на Република Македонија. Односно, да не дозволиме силата да го закопува правото. Да создаваме и да ги развиваме условите за ПРАВДАТА И ПРАВИЧНОСТА ДА БИДАТ ОСНОВА ЗА ВЛАДЕЕЊЕ, како што рекле уште старите Римјани.

Ви благодарам на вниманието.

Click