Собраниско раководство

Понеделник, 31 август 2015 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод одбележувањето на соработката меѓу Собранието и Вестминстер фондацијата за демократија 

Ваша Екселенцијо, Амбасадоре на Велика Британија, Чарлс Едмонд Гарет,
Дами и господа пратеници,
Почитувани присутни, 

Пред 4 години, во оваа зграда, имав задоволство, како претседател на македонскиот законодавен дом, заедно со британскиот амбасадор, да го потпишам меморандумот за продолжување на соработката со Вестминстер фондацијата за демократија.

Тоа е еден од оние моменти кога правиме пресеци на сработеното и кога го трасираме патот за периодот што следува.

Тоа се моменти кога се навраќаме на демократските столбови на државата и кога се обврзуваме дека истите ќе ги зајакнуваме.

Конечно, тоа се моменти, кога ја споделуваме вербата дека Македонија уште повеќе ќе се развива, а дека предизвиците ќе ги совладуваме.

Три години, пак, пред тој датум, и официјално започна, сега веќе, долгогодишната и плодна соработка на македонскиот законодавен дом со Вестминстер фондацијата за демократија.

Во тој период, заеднички ги јакневме капацитетите на Собранието на Република Македонија, нашата претставничка, законодавна и надзорна функција.

Во рамките на таа соработка, која поинтензивно започна со одржувањето на Вилтон Парк конференцијата, беа организирани повеќе работни посети меѓу пратениците од Македонското собрание и нивните колеги од Британскиот парламент, беа одржани неколку работилници на повеќе теми.

Исто така, континуирано се посветуваше внимание на обука на сегменти од собраниската стручна служба, сè со цел подигање на капацитетот на Собранието за да може да одговори на предизвиците на европската интеграција.

Со донесувањето на Законот за Собранието на Република Македонија се вградија силни нормативни претпоставки за зајакнување на парламентарните капацитети. Со неговата примена се овозможи зајакнување на улогата на Парламентот во рамките на поделбата на власта, концепт за кој заеднички се заложивме уште на Конференција во Вилтон Парк.

Со неговото донесување уредивме повеќе значајни прашања, нормирајќи ги покрај нашите добри практики и оние кои се присутни во функционирањето на современите парламенти.

Станува збор, пред сè, за прашањата кои се однесуваат на зајакната тимска работа и координација на пратеничките групи; парламентарен надзор со кој се следи примената на законите; активна претставничка улога на пратениците преку остварените контакти со граѓаните во изборните единици; востановена финансиска автономија и зајакнување на стручната поддршка на пратениците, како и потребата за постојано унапредување и одржливост на вкупните законодавни и контролни капацитети на Собранието. 

Почитувани,

Македонското собрание ја дели судбината на државата.

Проблемите на Македонија се пресекуваат во парламентот. Успесите, исто така. Поентата е во тоа да вообличиме концепт и да манифестираме решеност, проблемите да ги решаваме. Често повторуваните фрази за потребата од развој на демократијата и меѓусебниот дијалог и разбирање, мора да добијат практична смисла. Политиката на празни зборови сè помалку има место.

Делата на политичарите и на партиите не се мерат според изговореното.

Делата се мерат според сработеното. Со својот пример да покажеме приврзаност кон кристално јасните вредности на Македонија.

Да дадеме свој влог во унапредувањето на претставничката демократија.

Да го развиваме стратешкото партнерство со нашите британски, американски, германски, односно европски сојузници.

Да продолжиме да работиме посветено во решавањето на проблемите кои се наша обврска, бидејќи само така ќе успееме да ги придвижиме вкупните состојби во Македонија. 

Драги пријатели,
Колеги пратеници,

Во овие 25 години македонска независност, изодевме голем пат. Се соочивме со безброј предизвици. Меѓутоа, повеќе од јасно е, дека сè ќе беше потешко, доколку изостанеше поддршката од нашите сојузници, партнери и пријатели.

Искуствата од Британскиот парламент или од Американскиот конгрес имаат непроценливо значење за нас. Младата македонска демократија црпи драгоцено искуство благодарение на поддршката на нашите стратешки сојузници. Свесноста дека овој народ има свои меѓународни пријатели, односно дека не е сам, е дополнителен мотив за работа, за ангажман и за посветеност.

Во оваа смисла, сакам да ја споделам мојата искрена радост од исклучително плодните односи што ова Собрание и сите 123 пратеници ги имаат со секоја од меѓународните институции поединечно. 

Почитувани,

Македонија е демократска држава со јасна европска и евроатланска перспектива. Нашите заложби за членство во Европската унија и во НАТО, од кои извираат и останатите државни цели за економски развој, меѓуетнички соживот и меѓусебно уважување, се врвен државен интерес. Не постои повисока цел од отворањето на демократските перспективи на Македонија.

Нема поголем интерес од интересот за почитување на човековите права и слободи. Не постои позначајна заложба од таа за уште поголемо продлабочување на односите со нашите сојузници и пријатели, какво што без сомнение е Обединетото Кралство или Соединетите Американски Држави.

Благодарение на цврстото држење до споменатите стратешки цели, сме успевале да ги решиме и најгорливите проблеми.

Благодарение на отвореноста да се побара поддршка и помош сме успевале да совладаме безброј предизвици.

Конечно, благодарение на заедничката верба во принципите на демократијата, сме успевале да најдеме сила која ќе нè движи напред кон нови успеси и нови височини.

Македонското собрание е сржта на парламентарната демократија.

Парламентарната демократија, пак, е основата на поредокот на државата. Натамошното јакнење на темелите на парламентарната демократија е најважната обврска на овој дом на граѓаните на Македонија.

Одговорноста да се управува со државата е огромна. Таа им припаѓа на партиите од власта кои се дел од македонскиот законодавен дом. Меѓутоа, одговорноста да се биде опозиција, не е помала. Заради тоа, доаѓањето на дел од опозицијата во овој дом, треба да се доживее како израз на таква одговорност.

Тоа е настан кој ќе му даде полна смисла на македонскиот парламент.

Јас, пак, како прв меѓу еднаквите пратеници, уште еднаш сакам јасно да подвлечам дека сум подготвен со сите да соработувам за остварување на заедничката цел за демократски и економски развиена Македонија.

Сите заедно, како власт и како опозиција, мораме да најдеме сила да ја оправдаме таквата одговорност што ја имаме.

Друг начин не постои. Друг пат нема. Демократијата ја определува одговорноста на секого и за сè. И вашата, но и мојата.

На ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ и на другите владеачки партии.

Меѓутоа, и на ДПА, на независните опозициски пратеници, како и на пратеничката група на СДСМ. Народот нè набљудува и нè анализира. Тој цени и секогаш го дава најточниот суд.

Имаме обврска пред народот, како политичари од сите бои, да си подадеме рака на единство. Да покажеме дека претставниците на народот промовираат единство и дијалог, а не конфликти и расправии. Да бидеме едно кога се работи за Македонија.

Потоа, така единствени, уште подостоинствено да се претставиме пред нашите сојузници. Да покажеме зрелост и висока демократска свест. Да покажеме непоколебливост и силна решеност во однос на нашите европски интеграции.

Да покажеме дека имаме сила да ги совладаме пречките за наше членство во НАТО. Да покажеме дека знаеме како да ги развиваме меѓуетничките и меѓуверските односи, да промовираме дијалог и соработка помеѓу сите. Конечно, да работиме заедно, уште повеќе Македонија да чекори похрабро кон економскиот развој, намалувањето на невработеноста и јакнењето на животниот стандард на граѓаните. 

Почитувани присутни,

Демократијата подразбира судир на мислења, на идеи и на концепти. Таа претставува платформа во чии рамки се јакне и се развива културата на дијалогот.

Демократијата е алатката која ни овозможува да ги исфилтрираме најдобрите идеи.

Македонското собрание, како централно место во овој систем, мора да остане на висина на задачата.

Имаме обврска да придонесеме со својот однос уште повеќе да ги зацврстиме демократските столбови на Македонија.

Затоа, подавам рака на дијалог.

Подавам рака на соработка со сите претставници на народот на Македонија.

Подавам рака на консензус околу стратешките цели на нашата Татковина!

Меѓутоа, сакам јасно да соопштам дека одговорноста е заедничка, а поредокот и законите се нашиот сојузник. Да ѝ дадеме нова енергија на македонската евроатланска перспектива.

Жестоко да дебатираме и да ги соочуваме нашите различни концепти. Да водиме дијалог и да се надмудруваме. Да се бориме за симпатиите на народот и да се натпреваруваме со идеи.

Меѓутоа, знам дека мора да се уважуваме. Знам дека мора да се почитуваме. Знам дека со својот однос треба да бидеме пример за народот како достоинствено се бранат политичките интереси заради доброто на Татковината.

Јас сум првиот сојузник на сите оние кои ќе покажат јасни заложби за унапредувањето на демократијата и на дијалогот. 

Драги пријатели,

Препреките се тие што им даваат смисла на нашите животи. Проблемите постојат за да се решаваат. Македонија се соочувала и ќе се соочува со проблеми кои убеден сум дека ќе ги реши.

Како и во животот, велиме дека никој не добива потежок товар од оној што може да го носи.

Достоинствено да го носиме товарот на одговорноста што ја имаме. Владеачките партии треба достоинствено да го носат својот товар, како што тоа треба да го направи и опозицијата.

Да придонесеме конечно да престане времето на полурешенијата, полупроектите и полусоработката. Да видиме шанса во оваа криза што ја оптеретува Македонија.

Да работиме посветено и да веруваме во судот на народот. Да водиме сметка за интересите на Македонија и да ги совладуваме предизвиците.

Да соработуваме уште повеќе и уште подлабоко со нашите стратешки партнери и да бидеме одговорни пред народот.

Само така ќе успееме. 

Ви благодарам на вниманието. 

Click