Пратенички состав

Понеделник, 10 октомври 2016 година

Обраќање на претседателот Вељаноски по повод Свеченото отварање на Големата сала во Собранието на Република Македонија

Почитувани присутни,

Дами и господа,

После шест години, денес, конечно можеме со гордост да истакнеме дека најобемната и најсложената реконструкција, надградба и доградба на Собранието на Република Македонија е завршена!

Три парламентарни состави поминаа во знакот на изведувањето на овој исклучително сложен и по обем огромен градежен зафат.

Додека посветените работници ја извршуваа својата сложена задача, пратениците, заедно со службата и со новинарите, ги извршуваа своите работни задачи.

Неспорниот труд на луѓето кои беа дел од обновата на македонскиот парламент е сосема видлив и е причина за возхит, но верувам дека и ние, останатите кои имавме свои работни задачи во собраниската зграда, исто така, оставивме свои дела за Македонија.

Собранието пулсира во својот полн сјај.

Проектиран согласно највисоките стандарди, на идните генерации им оставаме репрезентативен објект кој ја претставува гордоста на Македонија.

 

На идните генерации им оставаме објект со површина поголема од 18.000 метри квадратни во кој верувам ќе се реализираат безброј значајни проекти за нашата земја.

Опремен со најсовремена технологија, со изградени нови простории за работа на службата, на новинарите и на пратениците, како и со реконструирање на постојните простории, македонскиот парламент со гордост ќе ги прима сите добронамерници, како и сите следни претставници на граѓаните на Република Македонија.

Во оваа смисла, искрено сакам да им се заблагодарам на сите колеги-пратеници од минатите парламентарни состави, како и на собраниската служба, на новинарите и на сите пријатели на парламентот за трпението кое го покажаа за време на изведувањето на овој најсложен и најобемен градежен зафат откако е изграден овој објект во далечната 1938 година.

Драги пријатели,

Зградата на парламентот во целост ги следи историските процеси на патот до целосното заокружување на државноста на нашата татковина.

Хронолошки, овој објект стоички ги издржа сите премрежија кои се составен дел на историјата на Македонија.

Сместен во центарот на главниот град на македонската држава, Зградата на македонскиот парламент, ја делеше судбината на народот за кого постои.

Сепак, денес, кога нашата Татковина е самостојна и независна држава, оваа по обем најголема реконструкција, има и значајна симболична порака.

Имено, самиот развој и осовременување на овој објект, ја симболизира и целта за развој и за осовременување на вкупните прилики во Република Македонија.

Денес обновеното македонско собрание е тука да ги надживее сите векови како стожерен објект околу кој најсилно пулсира основната цел за соочувување и за унапредување на независноста на нашата Татковина.

Имајќи го во предвид сето погоре кажано, ја прогласувам за завршена обновата на Собранието на Република Македонија и ве поканувам заедно да погледнеме едно видео како мал сегмент од она што како нова вредност и го оставаме во наследство на Татковината.

Ви благодарам.