Собраниско раководство

Понеделник, 23 мај 2016 година, Рим

Претседателот Вељаноски ја отвори изложбата „Свети Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, денеска во библиотеката на „Понтификалниот Универзитет Урбанијана“ во Рим ја отвори изложбата „Свети Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, во организација на Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, и притоа истакна:

„Поводот за кој на сите нас во овој убав град ни се спојуваат патиштата е манифестацијата посветена на Светите браќа, сесловенските и рамноапостолни просветители Кирил и Методиј. Празнувањето на оваа манифестација за мене лично, а верувам и за сите вас е особено значајно поради единственото историско, културолошко и епохално значење на Светите Кирил и Методиј произлезено од нивната просветителска мисија. Истата онаа мисија која е поттик на еден епохален цивилизациски процес и создавањето на првата словенска азбука - глаголицата.

Нивното дело на свој начин го продолжува Светиот Климент Охридски како нивно духовно чедо и нивен ученик. Климент Охридски е патрон на македонската православна црква, прв словенски епископ, духовник, просветител и учител. Ми претставува особено голема чест да ја отворам изложбата посветена токму на ликот на Свети Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност. Оваа изложба ја збогатува програмата за чествувањето на празникот за сесловенските просветители. Тука е изложено културното наследство од највисок вид и меѓудругото е изложена и најстарата икона со ликот на Свети Климент која датира од 13-тиот век.

Значењето на Свети Климент Охридски е огромно. Неговиот живот е исполнет со значајни дела за кои денес сме благодарни. Тој учествувал во значајната Моравска мисија од каде подоцна пристигнува во Рим за да го сведочи благословот и потврдата на делото на неговите учители. Својата најзначајна работа ја започнува со доаѓањето во Охрид. Свети Климент подигнал цркви и манастири и ја основал Охридската книжевна школа претворајќи го Охрид во центар на македонската и сесловенска писменост. Меѓу другото за Свети Климент се вели и дека е еден од првите и најистакнати писатели на старата словенска литература. Тој во своите пишани зборови и толкувања на евангелијата високо ја вреднува милостината советувајќи „гладен да нахраниш, жеден да напоиш, патник да прибереш и гол да облечеш, чест на презвитери да направиш...“. Неговите зборови и денес можат да се применат во секојдневието на нашето совремето живеење како начин да се достигне благост.

 Почитувани гости, ја поздравувам оваа можност и ве поканувам да уживате во овие значајни сведоштва за големата љубов на Светиот Климент кон Бога, писменоста и просветителството. Се надевам дека преку оваа изложба посетителите ќе се запознаат и ќе го збогатат своето знаење за богатото културно наследство на Република Македонија, како и за културата и религијата гледано во целост.“

По отварањето на изложбата, како дел од културната програма, концерт одржа познатиот македонски гитарист, г. Дарко Багески.

Click