Собраниско раководство

Петок, 5 февруари 2016 година

Претседателот Вељаноски на 64. Молитвен појадок во Вашингтон

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, присуствуваше на Националниот молитвен појадок во Вашингтон кој секоја година го организираат претседателот на Соединетите Американски Држави и членовите на Конгресот. 

На појадокот присуствуваа високи функционери, дипломати и претставници на повеќе од 140 земји од светот, кои ја искористија оваа можност да се сретнат и да разменат мислења, искуства и ставови за глобалните случувања и предизвици и заедно да се заблагодарат за пријателството и благосостојбата. 

На настанот свое обраќање имаше претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Барак Обама, а претседателот Вељаноски во оваа прилика се сретна и разговараше со дел од присутните.

Исто така, претседателот Вељаноски присуствуваше и на лидерскиот ручек, организиран за земјите од Југоисточна Европа, на кој учество земаа неколку конгресмени и сенатори, меѓу кои и еден од домаќините на овогодинешниот Молитвен појадок, конгресменот Роберт Адерхолт. 

На ручекот, претседателот Вељаноски имаше можност да се обрати пред присутните: 

Почитувани пријатели,
Дами и господа,

На самиот почеток, сакам да ја споделам мојата искрена благодарност до организаторите на овој величествен собир.

Се надевам дека овие денови за сите нас ќе бидат уште една важна животна лекција.
Уште една инспирација и предизвик да опстоиме на патот на верата, на надежта и на љубовта.

Иако сум длабоко свесен дека правилата на секое куртоазно однесување налагаат ваков пристап, но навистина, сосема искрено Ви го посакувам сето ова што предмалку го кажав.
Молитвениот појадок како традиција е една непресушна инспирација.
Фактот дека секоја година, од сите страни на светот личности со сосема различни светогледи, вери, нации, уверувања и ставови, сосема нормално, дискутираат и се разбираат, доволно говори за големината на ова дело.
Живеејќи во свет во кој малку повеќе се говори за омразата отколку за љубовта, ретките настани каде таа - љубовта доминира, вреди постојано да се истакнуваат, поддржуваат и развиваат.

Почитувани дами и господа,

Независно од фактот каде живееме или кој народ и држава ги претставуваме, сведоци сме дека постојат теми кои ги надминуваат географските меридијани.
Прашањата поврзани со границите на колективниот морал, темите кои се однесуваат на сe поголемата изложеност на децата до содржини штетни за нивниот морал и здравје, се теми кои треба сите подеднакво да нè окупираат и инспирираат да направиме нешто повеќе.
Силно верувам во концептот на меѓусебно вмрежување и соработка.
Убеден сум дека развивајќи ја меѓусебната доверба, даваме влог кон зацрвстувањето на темелите на ова ново морално мнозинство кое ѝ е неопходно на Eвропа.

Драги пријатели,

На самиот крај сакам да потенцирам дека сите ние го добиваме она што сме го заслужиле.
Верувам дека со организацијата на овие настани, придонесуваме да испросиме поголема милост од Бога кој е почетокот и крајот на сè.
Бидете благословени.
Господ нека ги благослови нашите народи и држави и да ни даде мудрост уште подобро да ги совладуваме предизвиците со кои се соочуваме како личности и како политичари.

Благодарам.

Click