Активности



Вторник, 28 мај 2013 година, Охрид

Завршна прес-конференција на претседателот Вељаноски на 10. Конференција на претседателите на парламентите на ПСЈИЕ - заклучни констатации

Почитувани претставници на информативните медиуми,

Имавте прилика во изминатите два дена и непосредно да ја следите 10. Конференција на претседателите на парламентите на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и затоа би сакал да додадам само некои куси напомени.

Согласно со определбата декларираните намери од претходните конференции да ги реализираме во пракса, оваа Конференција е конференција на континуитет на сегашното, претходното и идното претседателство со регионалната парламентарна соработка. Така и сме застапени на денешната прес-конференција и до мене се колегите - претседателот на Народното собрание на Србија г. Небојша Стефановиќ, претседателот на Претставничкиот дом на Романија г. Валериу Стефан Згонеа и потпретседателот на Сенатот на Романија г. Флорин Константинеску. Реафирмирањето на функцијата на Тројката е од посебно значење во сегашната фаза на трансформација и институционализација на регионалната парламентарна соработка. Таа треба да овозможи во подолг период да бидеме сконцентрирани на заеднички усогласени определби.

Зашто ни е потребна нова повисока форма на соработка?

Нашиот регион е регион кој, од причините кои ви се познати, со задоцнување започна и недоволно динамично ја развиваше меѓусебната соработка, духот на разбирање, меѓусебната поддршка и солидарност, што инаку е карактеристично за речиси сите други региони на Европа. Многу одамна се формирани Нордискиот совет, Парламентот на Бенелукс, пред и после деведесеттите години на минатиот век Парламентарното собрание на ЦЕИ, Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, Балтичкото парламентарно собрание и други. Ние, соработката ја започнавме во ист период, но таа остана сведена главно на годишни средби на ниво на претседатели на парламенти и на декларации кои не беа доволно валоризирани и проектно конкретизирани. Затоа е пристапено кон формирање на Работната група со задача да предложи модалитети за идна соработка.

По тригодишни активности и одржани десет состаноци, Работната група, во отворена и конструктивна атмосфера, со примена на принципот на консензус, успеа да усогласи повеќе документи кои се основа за конституирање на новото регионално парламентарно тело. Очекуваме, Парламентарното собрание на ПСЈИЕ да придонесе за унапредувањето на соработката и координацијата на настојувањата на парламентите на земјите-учеснички за претворање на регионот во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка во интерес на сите наши граѓани, народи и држави, како и на Европа во целина. Раководејќи се од принципот на регионална сопственост и имајќи предвид дека иднината на сите земји од ЈИЕ лежи во Европската унија, очекуваме Парламентарното собрание да делува во насока на:

  • иницирање на различни форми на размена на искуства од областа на законодавството, хармонизација на законодавството со законодавството на ЕУ, координација на практиките и ставовите во однос на владината димензија и јакнењето на дијалогот со цивилното општество;
  • остварување на улогата на чадор за постигнување на синергија  во активностите на регионални иницијативи и форми на соработка поврзани со: економијата, инфраструктурата и енергијата; правдата, внатрешните работи и безбедносна соработката; социјалниот развој, образованието, истражувањето и науката;
  • поттикнување, следење и набљудување на реализацијата на целите и приоритетите дефинирани од страна на ротирачкото претседателство на ПСЈИЕ и Регионалниот совет за соработка, како институционална структура за трансформација на политичките декларации и одлуки во конкретни проекти и програми;
  • јакнење на парламентарните дипломатски активности и врски со регионалните, европските и меѓународни организации, иницијативи и фондации.

Немаме илузија дека ова може да биде реализирано одеднаш, но, едно е сигурно - на идните генерации во глобално поврзаниот свет, треба да им оставиме соседство кое меѓусебно се разбира, поддржува и соработува, ако сакаме да ги искористиме предностите на геополитичката, економската и културната поврзаност, смалувајќи ги и надминувајќи ги меѓусебните јазови.

Би завршил со познатата поговорка дека и патот од илјада километри започнува со првиот чекор. Сметаме дека ваквиот чекор на парламентарна основа го направивме со Заедничката изјава за новата фаза во нашата меѓусебна соработка, сублимирана во подготвеноста да формираме Парламентарно собрание на ПСЈИЕ.

Click