Меѓународни организации и интеграции

Сабота, 1 октомври 2016 година

Обраќање на потпретседателот Рената Дескоска на 2. сесија: Развојот на демократските институции и човековите права во Југоисточна Европа - улогата на ОБСЕ

ОБСЕ е регионална организација втемелена на еден сеопфатен пристап кон безбедноста што директно ја поврзува безбедноста со демократските вредности. Политиките за промовирање на демократијата на ОБСЕ се широки и  тие се составен дел на безбедносниот дијалог, на соработката и стандардите кои Организацијата има за цел да ги промовира. Преку Хелсиншкиот Договор од 1970-тите и неколку значајни  документи од почетокот на 1990-тите години, ОБСЕ има изградено еден широк корпус во човековата димензија, кој ги вклучува сите основни состојки на демократијата, и тоа доброто управување, владеењето на правото, парламентарниот надзор, изборните стандарди и процедури, граѓанското општество, слободата на медиумите и цивилно-воените односи.

Во регионот на Југоисточна Европа ОБСЕ даде значителен придонес во однос на постигнувањето на целта:  Европа без поделби, целосно во мир и целосно слободна.  Преку своите  мисии на терен, Високиот комесар за националните малцинства, Претставникот за слобода на медиумите,  Секретаријатот и Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Парламентарното Собрание, ОБСЕ активно работеше во поддршката на демократските институции во земјите од регионот. Активностите вклучуваа  безбедносен дијалог, управување со конфликти, стандардизација и следење на обврските во сите три димензии, политичко воената, економската и човековата,  како и помош во демократизацијата.

ОБСЕ беше длабоко инволвирана и во управувањето со конфликти на Балканот и преку своите мисии  се фокусираше на процесот на градење доверба во поранешните кризни региони, на изградба на институциите, на владеењето на правото и на граѓанското општество. Со својот ангажман во регионот, ОБСЕ  го покриваше речиси секој аспект на демократизацијата; градењето на капацитети и добро управување од страна на националните и локалните власти, надзор од страна на парламентот, владеењето на правото и судството, развојот на политичките партии, цивилно-воените односи, родовите прашања, медиумите и поддршката на граѓанското општество. Република Македонија во 1990-тите години, како земја во транзиција беше соочена со предизвикот во релативно кус временски рок да изврши длабоки општествено-економски реформи и да донесе или измени стотици закони а подршката што притоа ја добивавме од ОБСЕ и нејзините институции сврзани со развојот и јакнењето на демократијата беа особено драгоцени. Значајни беа и активностите за помош при реформирањето на полициските сили во транспарентни и одговорни структури.

Ние ја признаваме и важната работа на Парламентарното собрание на ОБСЕ и ОДИХР во поддршката за одржување на слободни избори  и  очекуваме тие да имаат активна улога и на  претстојните предвремени парламентарни избори во Република Македонија закажани за 11 декември оваа година. Парламентарното собрание на ОБСЕ редовно испраќа свои делегации на различни избори во Република Македонија, како дел од меѓународните мисии за набљудување и проценка на изборите, а препораките кои содржат објективни укажувања на областите во кои е потребно подобрување треба да ги прифаќаме како израз на  поддршка за унапредување на избрниот процес и нашиот вкупен демократски развој и на нив секогаш посветуваме големо внимание. 

Изборите кои се пред нас се од особено значење за Република Македонија заради политичката, правната и институционалната криза со која се соочуваме. Како еден од механизмите кои треба да придонесат за разрешување на институционалната криза е формирањето на СЈО. Овој орган започна постапки за сериозни кривични дела поврзани со изборите сторени од страна на високи претставници на власта. Затоа набљудувањето на овие избори од страна на Парламентарното собрание на ОБСЕ и ОДИХР се од особено значење за нас. 

По изборите, од особено значење ќе биде подршката од страна на ОБСЕ за отпочнување на реформи за департизација на судството и на другите контролни институции, за воспоставување на владеење на правото, како и за остварување на стандардите на ОБСЕ за демократија и човекови права. 

Почитувани колеги, верувам дека го делите моето мислење дека остварувањето на човековите права и развојот на демократијата подразбираат континуирана работа. Демократизацијата е долготраен процес во кој сепак одлучувачка улога имаат внатрешните фактори. ОБСЕ, како и другите меѓународни организации, можат да ги достигнат своите нормативни цели само до оној степен до кој постои политичка волја и ориентираност кон реформи кај властите во дадената држава. 

Организацијата за безбедност и соработка во Европа како најголема регионална и безбедносна организација која има воспоставено импресивен корпус на стандарди за демократијата и човековите права, спроведувајќи широка лепеза на активности поврзани со демократијата, продолжува да има големо влијание врз демократизацијата и интеграцијата преку соработка во земјите од Југоситочна Европа.  

Ви благодарам.

Click