Меѓународни организации и интеграции

Понеделник, 27 мај 2013 година, Охрид

Претседателот Вељаноски оствари билатерални средби со потпретседателот на Европскиот парламент г. Ласло Сурјан, со претседателот на Претставничкиот дом на Романија г. Валериу Стeфан Згонеа  и со претседателот на Српскиот парламент г. Небојша Стефановиќ

Во попладневните часови на 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, претседателот на Собранието на Република Македонија г. Трајко Вељаноски, оствари средба со потпретседателот на Европскиот парламент г. Ласло Сурјан. На средбата, претседателот Вељаноски истакна дека Република Македонија е силно заинтересирана и понатаму да се продолжи со давањето свежи политички импулси на дијалогот и заедно со колегите европарламентарци и пратениците во Собранието на Република Македонија, конструктивно да се придонесува во процесот на евроинтеграција.

Тој истакна дека високо е ценет ангажманот на известителот за Република Македонија во Европскиот парламент г. Ричард Ховит, кој помага во севкупниот процес на европските аспирации на Република Македонија, 

Претседателот Вељаноски, исто така, оствари билатерална средба со претседателот на Претставничкиот дом на Романија, г. Валериу Стефан Згонеа.

На средбата се разговараше за завршните документи кои треба да произлезат од 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, при што од страна на г. Згонеа беа истакнати позитивни впечатоци од текот на конференцијата.

Тој напомена дека следната конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ ќе се одржи во Романија и дека позитивен напредок ќе има во континуитет.

На средбата меѓу двајцата претседатели беше истакнато дека Република Македонија и Романија имаат конструктивен и отворен политички дијалог, заснован врз партнерски однос и заемно почитување.

Во последните неколку години не се остварени средби на ниво на претседатели на парламенти или парламентарни групи за соработка меѓу двете земји, за што и двајцата претседатели се заложија за скорешни посети и средби меѓу парламентарните групи на Претставничкиот дом на Романија и Собранието на Република Македонија.

На средбата стана збор и за малцинствата на Македонците во Романија и Власите во Република Македонија, за што и двајцата соговорници изразија задоволство од третманот на истите.

На 10. Конференција на претседатели на парламенти на ПСЈИЕ, претседателот Вељаноски оствари средба и со претседателот на Српскиот парламент, г. Небојша Стефановиќ.

На средбата, од страна на претседателите, беше потврдена досегашната успешната соработка на највисоко ниво на официјални делегации, како и посети на пратенички групи и комисии, кои придонесуваат во размена на искуствата за евроинтегративните процеси и понатамошните перспективи на регионот.

Претседателот на Српскиот парламент г. Небојша Стефановиќ, истакна дека Србија и Македонија се подготвени за почеток на преговорите за влез во ЕУ и дополни дека уште повеќе треба да се интензивира економската соработка меѓу двете земји.
Click