2009



10 ноември 2009 година

ЕВРОБАРОМЕТАР ИСПИТУВАЊЕ - СОГЛЕДУВАЊЕ НА ДИСКРИМИНАЦИЈАТА

Според последниот преглед на Европската комисија, секој шести Европеец тврди дека имал лично искуство со дискриминацијата во изминатата година. Околу 64% од Европејците се загрижени дека рецесијата ќе придонесе за поголема дискриминација на пазарот на труд. Во 2009 година околу 16% од европските граѓани пријавиле дискриминација врз основа на раса, пол, возраст, религиозна припадност, посебни потреби и сексуална ориентација, на исто ниво како и во 2008 година. Најважните фактори кои влијаат на поттикнување на дискриминација кај луѓето се образованието и социјалната состојба.

Според комесарот за еднакви можности, г.Владимир Шпидла, потребни се дополнителни напори за подигнување на јавната свест на луѓето за нивните права за подеднаков третман, особено на национално ниво.

Шведското претседателство со ЕУ и Европската комисија на 16 и 17 ноември 2009 година во Стокхолм ќе организираат Трет ЕУ самит за рамноправност. Овој годишен настан има за цел да ги подигне прашањата од областа на дискриминацијата и различностите кон врвот на  агендите на ЕУ и на националните влади, како и можност да се споделат искуствата заради поефикасно дејствување против сите видови на дискриминација.

Подигањето на јавната свест е долгорочен процес кој бара заеднични напори на европско и национално ниво, вклучително и на националните тела за еднаквост. Од 2003 година Европската комисија води Паневропска информативна кампања под мотото „За различностите - против дискриминацијата". Кампањата има годишен буџет од околу 4 милиони евра, а со цел да ги информира луѓето за нивните права и одговорности согласно законодавството на ЕУ за антидискриминација.

Европската комисија обезбедува финансиска поддршка за национални кампањи за подигање на јавната свест преку програмата „ПРОГРЕС“, како и поддршка за обука на стручни лица, невладини организации и социјални партнери.

Последното испитување за прашањата од областа на дискриминацијата се спроведе во периодот од 29 мај до 15 јуни 2009 година, на 26.756 луѓе од 30 земји. За првпат беа воведени нови прашања, особено за да се оцени влијанието на економската рецесија врз нивото на дискриминацијата. Исто така, за првпат, покрај 27-те земји-членки на ЕУ, во испитувањето беа вклучени и земјите кандидати, меѓу кои и Република Македонија.

Click